Пристигна реакција од премиерот во заминување Зоран Заев на дилемата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски дали премиерот во заминување навистина го пријавил случајот „Рекет“ и ако тоа го сторил дали постои записник.

Премиерот во заминување не се сеќава кога точно го пријавил случајот „Рекет“, па изјави дека треба да поголедне во агендата.

Дозволете да видам во агендата точно кој беше датумот во колку часот, иако тоа треба да го каже Јавното обвинителство. Но, ќе ги дадам точните детали, вети премиерот во заминување.

Николоски објасни дека ако навистина го пријавил случајот треба да постои пишан документ, односно белешка, за кој тој е убеден дека не постои.

Николоски е убеден дека случајот „Рекет“ води диретно до врвот на власта, а доказ за тоа е средбата помеѓу министерот за здравство Венко Филпче и бизнимсменот Орце Камчев во домот на Бојан Јовановски.

Во прилог на тезата на Николоски оди и сведочењето на второобвинетиот во случајот Рекет, а сега и осуден Зоран Милески Кичеец, кој пред Рускоска признава дека владата била на прва лија со Боки 13.

За прв пат во јавноста, името на Венко Филипче како човек кој бил во контакт со рекетарите на неговиот владин шеф, Боки 13 и Катица Јанева, беше споменато на второто рочиште за предметот „Рекет“, на коешто сведок беше повикан Орце Камчев како пријавител на рекетарската шема, пишува Инфомакс.

Според сознанија на порталот, немало само еден состанок помеѓу Боки, Филипче и Камчев туку повеќе. Целта била склучување на јавно-приватно партнерство помеѓу Министерството за здравство и Орце Камчев.

Филипче и Боки 13 го убедувале Камчев да ја купи Градската болница „8 Септември“ и тоа во износ во висина на побараниот рекет. Од бизнисменот се барало да влезе во партнерство со Филипче за околу 10 милиони евра, a од овие одреден процент да биде исплатен во кеш пред склучувањето на ЈПП. „Каса“ би бил Боки до исполнување на договорот, пишува „Инфомакс“.

Покрај со овој случај, министерот за здравство се поврзува и со аферата „Рекет 2“ во кој што, според досега неофицијални информации, вмешан е и директорот на Фондот за здравство Ден Дончев.

Во овој случај се работи за вршење притисок врз домашна компанија, злоупотребиле позиции и овластувања за одвраќање на светски здравствен гигант, шведска компанија, да не инвестира во Македонија.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за РСЕ кажа дека опозицијата не е задоволна како досега се води овој случај, затоа истакна дека ако наскоро овој процес дивергира од реалноста, јавноста ќе биде сведок на тоа што всушност се случувало.

Досега не сме задоволни како се води истрагата за Рекет, напротив, мислиме дека има класична злоупотреба и прикривање на вистинскиот инспиратор и сценарист во целиот овој случај, ако наскоро овој процес дивергира од реалноста, јавноста ќе биде сведок на тоа што всушност се случувало, изјави за „Радио слободна Европа“ Мицкоски.

Адвокатот на Бојан Јовановски вчера кажа дека исказот на Боки 13 за Меѓународниот сојуз траел пет часа и дека тој ја кажал целата ноторна вистина поткрепена со факти и докази.

За секој основ, за секое зборче што стои во наредбата за спроведување на истрага се произнесе со мноштво факти, не со рекла-кажала, мислам дека неговиот исказ беше корисен, целосен и сеопфатен, рече Дуковски.

Неодговорени прашања

Кој од власта го предупредил Боки 13 дека е пријавен?

Она што остана неодговорено, исто така, е прашањето зошто нема истрага за Рекет 2, чиишто пипци водат до Струмица, а не ги заобиколуваат ниту премиерот во заминување ниту неговиот министер за здравство.

Што барала полицијата кај Ременски, а што нашла?

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.