Во книгата „Пред атентатот и по него“ Андов пренесува разговор со поранешниот претседател Киро Глигоров.

Стојане, вчера имав неочекуван состанок. Во вилата ми дојдоа Бранко Црвенковски, Тито Петковски, Благоја Ханџиски, Фрчкоски и Јане Миноски. Тие мои гости зборуваа мирно како да се договараа со мене да одиме на плажа, а всушност побараа од мене да си дадам оставкa. Не ги разбирам овие луѓе Стојане, ако нè тргнат нас двајцата и останат сами на власта, сосема е јасно како ќе владеат….

Андов открива дека имале несогласувања со експремиерот Бранко Црвенковски, но особено со тогашниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски. Глигоров сметал дека Андов е човекот што треба да го наследи на функцијата претседател на државата, но Андов сметал дека тогашниот претседател избрзал со споменување на неговото име.

Му реков доста остро на Киро дека избрзал изговорајќи го моето име. Си помислив, тој добро знае дека ја компликувал ситуацијата и во концепцијата на тие луѓе сега ќе се јави потреба како и мене, покрај Киро, да ме отстранат од политиката. Тие очигледно беа решени оваа група, која ја контролира државата, да го отстрани секој глас што може да има влијание во јавнсота. Двајцата се надевавме дека таа залетаност на групата ќе престане. И сите да ги решаваме пробелмите на земјата…, стои во книгата која вечерва доби најмногу внимание.

Андов пишува и за атентатот врз Глигоров кога отишол да го посети претседателот во болница. По посетата на Глигоров, Андов, како што пишува во книгата, заминал во својот кабинет, каде што го повикал Црвенковски. Тој пристигнал тогашниот со министерот за здравство Илија Филипче, министерот за правда Владо Поповски и уште двајца други, но меѓу нив не бил и министерот Фрчкоски.

Ми привлече внимание тоа што за време на нашиот разговор ми се јави Слободан Милошевиќ. Стојане, што се случува со Глигоров таму кај вас? Му кажав дека Глигоров е жртва на големо злосторство, но првите оценки на нашите лекари се дека ќе може да се спаси. Ме праша дали може да помогне… Ми падна во очи што на оваа наша средба не е министерот за внтарешни работи Фрчкоски. Го прашав Бранко каде е Фрчкоски? Тој ми рече дека не знае точно каде е, но некој му кажал дека министерот заминал накај Крива Паланка. Невозможна и многу сомнителна работа, пишува Андов.

На промоцијата на книгата во ноември 2018 година говореа и академик Владо Камбовски, писателот Блаже Миневски, амбасадорот Љупчо Арсовски, како и надворешнополитичкиот коментатор Љубомир Гајдов. Меѓу другото, Гајдов говореше за атентатот на покојниот Киро Глигоров. Откри шокантни детали за начинот на кој тогаш постапувал Фрчкоски, како министер за внатрешни работи. Раскажа што тогаш дознал од моќни луѓе со богати сознанија.

Одма по атентатот, три истоветни телеграми дојдоа од Вашингтон од ЦИА, од Лондон и од Минхен. Пишуваше „Ништо не пипајте, доаѓаат нашите експерти“. Ама вашиот министер на полиција го однесе Мерцедесот во непознат правец, после 120 минути. Зошто, прашав јас наивно. Тој е мозок на атентатот, ми вели, обелодени Гајдов.

На Црвенковски, вели Гајдов, му барале да го смени Фрчкоски од министерското место.

Реагираше Фрчкоски во колумна насловена Шушумига, нарекувајќи го Андов гомнар:

Не ми е јасно, драги мои, навистина и покрај сериозен напор во согледба на човечките падови, кризи на возраста и на потсвесните еготрипови – да разберам како успеваат старите политичари пишувајќи мемоари да направат будали од себе?
Стојан посветил книга и пол на мојата дребност, еднаш како разнебитување на „моите обиди“ (??) насловена „Обидите на Љубомир Фрчкоски“ а потоа попат, но отровно во томот за атентатот на Глигоров и по него.

Ако имав скрупули и обѕири да не ги коментирам или сведочам одлепените тези од „Мемоарите на Глигоров“ за куферчето (земајќи предвид дека Стариот имал селективна меморија или шмелцувал и преспојувал различни настани еден преку друг за настан за кој има на голем број сведоци за и околу „куферчето“ кои може да бидат повикани да дадат сведочење и да ја разнебитат таа „меморија“, а земајќи предвид дека меморите се пишувани од неговите соработници, но највеќе и пред се поради мојата историја со Глигоров и респект кон него) такви скрупули не ме држат да ја оценам улогата на Стојана Андов за поновата македонска историја и неговите shitty „сеќавања“ приопштени во кобасичните мемоарски записи.

Стојан Андов е политичар од видот кој татко ми го нарекуваше ШУШУМИГА! Тип на личност кој во политиката е изразит опортунист, кој нема своја интегрална позиција ниту интегритет, туку се снаоѓа, маневрира и ги игра позициите на моќ во овој случај на левицата и центарот на политичкиот спектар во Македонија од независноста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.