ЕУ цврсто им вети на Северна Македонија и на Албанија дека ќе ги отворат пристапните преговори – и го прекрши тоа ветување. Политичарите на тие земји се засрамени. Тоа што сега доаѓа не е добро, пишува германскиот весник „Шпигел“ на своето онлајн издание.

Проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан беше потврдено во Солунската агенда од 2003 година, тогаш Унијата им вети интеграција на овие земји, но неофицијално ова ветување во последно време е под знак прашалник поради заморот од проширување во ЕУ.

 

Меѓутоа, сега ЕУ првпат не го испочитува дадениот збор и поради ветото на Франција, двете земји Албанија и Македонија нема да ги почнат преговорите, кои веќе им беа ветени од Унијата. Одлуката на Советот на ЕУ од петокот предизвика горчина низ цел регион на Западен Балкан. Политичките последици од одбивањето можат да бидат сериозни и многу европски лидери го оценија потегот како „историска грешка“, наведува „Шпигел“.

Според весникот, особено голема горчина предизвика не започнувањето преговори со Северна Македонија, па одлуката на Брисел предизвика политичка криза во земјата – лидерот на социјалдемократите Зоран Заев кажа дека тоа е „голема историска неправда“ и најави предвремени избори за април идната година и негова оставка во јануари.

Во јануари годинава Македонија го смени името во „Северна Македонија“ по речиси три децении спор со Грција. Не само што ваков случај е прв во историјата, туку е и понижувачки за мнозинството Македонци. Сепак, Северна Македонија во моментов е единствена земја во регионот која прави сериозни демократски реформи и реформи во владеење на правото, оценува весникот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.