Масовни апсења пред зори, со цел да се влее страв во јавноста и да се дефокусира вниманието од серијата неуспеси на режимот на Зоран Заев. Жртвите повторно се истакнати претставници на опозицијата, поранешниот министер Миле Јанакиески, кој веќе е во домашен притвор, со што паѓаат во вода сите оправдувања за начинот на кој се врши апсењето.

Уапсен е и Димитар Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој во изминатите денови предничеше во разоткривањето на серија вистински криминали и скандали од страна на полицијата на Заев, како што е обидот да се прикрие тепањето и измачувањето на граѓанин на општина Шуто Оризари од страна на градоначалникот Курто Дудуш. Меѓу уапсените е и Дејан Митревски, претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, општина која решавачки се изјасни во полза на опозицијата при неодамнешните претседателски избори.

Серијата апсења доаѓа по дебаклот на Заев на единственото поле на кое и реално можеше да се надева на некаков успех во очите на јавноста – отворањето преговори со Европската Унија. Одлуката на земјите членки на ЕУ да го одбијат неговото барање за јунски датум за преговори, и неизвесноста на неговото ново ветување за датум во октомври, покажа дека власта ја губи поддршката во за неа најзначајниот извор на легитимитет – меѓународните фактори. Поддршката кај македонската јавност и онака никогаш ја немаше.

Даденото, па повлечено ветување за предвремени избори во случај на губење на датумот за преговори, нема да може да се избегнува вечно, особено ако исходот на Европскиот Совет во октомври биде идентичен како минатата недела. Се упатува на скорешно формирање на Пржинска влада, вклучително и неуспешниот обид на Заев да си обезбеди место во таа идна Влада макар како технички министер за финансии. Метлата, иако сведена на најмала можна мерка за да не се вознемират фракциите внатре во СДСМ и односите со албанските партнер, сепак предизвика до неодамна незамисливи отворени ломови внатре во Владата, при што заменик министер ја обвини Владата на Заев за неспособност да се реформира клучен сектор како што е образованието, додека советник во Министерството за финансии отиде уште понатаму и обвини за криминал со јавни тендери.

Во вакви услови, владејачкиот режим реши да прибегне кон единствената мерка за која смета дека му носи краткотраен скок на популарноста – нова рунда на репресии и апсења на политичките противници и критичари. Платените владини ПР службеници, скриени зад лажни профили на социјалните мрежи, се повикани уште еднаш да ги подгреат нивните досетки за по кој знае кој пат уапсениот министер Јанакиески, човек кој неодамна претрпе сериозен напад во затворот во Шутка кој очигледно не е под контрола на затворската управа. Овојпат е уапсен за проект кој воопшто не бил ниту реализиран. Апсењата доаѓаат и во време кога судот во Унгарија потврди дека во Македонија владее режим, така што го одби барањето на судовите и обвинителите на Заев за екстрадиција на неговата најголема ноќна мора – Никола Груевски.

Ваквото веќе предвидливо однесување на режимот на Заев ги фрла во вода сите очекувања дека до октомври ќе се убедат државите членки на ЕУ дека Македонија ги надминала проблемите со владеењето на правото – напротив, правосуден систем кој гони опозициски претставници на фиктивни шамари, а не гони претставници на владејачкото мнозинство за удари кои целата јавност ги слушна, не може да се смета за нешто што припаѓа во Европската Унија. Имаме систем кој апси опозициски претставници за замислен проект, а не го истражува директното посочување на заменик премиер за криминал од страна на владин советник, или пак јавното посочување на партиски функционери како дел од рекетарска банда која ги користи и „бомбите“ на Заев во своите уцени на политичари и бизнисмени. Имаме систем во кој јавноста се убедува дека масло од канабис се купува на грам, а во затвор треба да одат таксистот кој го снимил пратеникот како купува дрога, општинскиот службеник кој го снимил градоначалникот како го тепа и опозицискиот пратеник кој барал одговорност за тепачот.

Прво правило, кога си во дупка, е да престанеш да се закопуваш подлабоко, но режимот на Заев очигледно не е способен да го стори тоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.