Kомитетот за надворешни работи, на предлог на Бирото (претседателство) на шпанскиот Конгрес, ја прифати иницијативата за отпочнување итна процедура за ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО.

Според актите што се објавени на официјалната веб-страница на Конгресот, Бирото ја донело оваа одлука вчера, со барање до Комисијата ургентно да го авторизира овој меѓународен договор, пишува360stepeni.мк

Во документ потпишан од генералниот секретар на Конгресот се назначува дека постапката треба да биде итна, а актот по добиеното позитивно мислење треба да биде објавен во Службениот весник на Конгресот. Рокот за поднесување предлози или амандмани на текстот на документот трае до утре.

Веднаш по овој чин, Пристапниот протокол за Македонија да оди на одобрување на пленарно заседание на Конгресот.

Ако Протоколот го добие потребното мнозинство, тој ќе биде проследен до Сенатот.

Следна фаза е негова потврда пред сенатската Комисија за надворешна политика за конечната одлука на пленарна седница да ја донесен Сенатот.

Дури тогаш Шпанија ќе може да го депонира ратификацискиот инструмент во депозитарот во Стејт департментот во Вашингтон и со тоа да го заокружи процесот на потврда на членството на Македонија во НАТО.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека очекува Шпанија да го ратификува Протоколот до средината на март.

Вчера со 114 гласа „за“ македонскиот парламентот го ратификува Северноатлантскиот договор.

Тој ќе стапи во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе биде депониран во Вашингтон, откако Шпанија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на нашата земја во полноправно членство во Алијансата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.