Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов смета дека правосудниот систем не ја заврши до крај професионалната улога околу случајот „Рекет“ во кој се осомничени и притворени Боки 13, Зоки Кичеец и обвинителката Катица Јанева.

Очекувам што е можно побрзо обвинителството да ја заврши истрагата ако има инволвирани или има сознанија, не е мое да се мешам. Сум човек кој откако сум влезен во политиката се залагам исклучиво за владеењето на правото. Ако мене ме прашувате, ќе мораше малку поинтензивно да си ја работат својата работа и јавното обвинителство и судовите. Непринципиелно е да очекувате дека градоначалникот на град Скопје, претседателот на Владата или министерот за внатрешни работи некого ќе затвара. Тоа е работа на јавните обвинителства и на судовите. За жал мојата констатација и како адвокат е дека не до крај совесно и не до крај одговорно ја завршија работата судовите и тука ќе треба да се позамисли секој од нас. Досега немаме достигнато високо ниво на професионалност ни во обвинителскиот систем, вели Шилегов за ТВ Алфа.

На новинарско прашање дали се фотографирал со Боки 13 и колку е близок со него, Шилегов со одговор:

Можеби имам фотографија и со вас, а можеби и немам. Во јавниот живот во нашата држава политичарите се најекспонирани. Секакви луѓе ни приоѓаат и со секакви луѓе се сликаме. Со Бојан Јовановски мислам дека имам една слика која беше на отворањето на телевизијата 1ТВ , и не мислам дека фотографија со било кого може да биде индиција за било што, додава скопскиот градоначалник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.