Тамам кога ќе си кажете „Ова е дното“, од категоријата испади на СДСМ во потсекот  „грешни знамиња“ доаѓа нов хит, овојпат од министерски ранг.

Откако јавноста збесна што државниот врв реши да се прчи на носач на авиони, министерката за одбрана повторно потсети на вчерашниот ден.

Од вчерашниот ден на носачот на авиони „Хари Труман“. На авионот зад нас од ескадрилата на САД аплицирано и нашето знаме. Членството на НАТО на дело, напиша гордо Радмила Шекеринска.

Арно ама, ако досега грешевме знамиња на туѓи држави, сега си го згрешивме и нашето. На авионот всушност е аплицитано знамето од американската сојузна држава Аризона.

Колку и некој да не го знае знамето на Аризона, што е разбирливо, во никој случај нема оправдување за непознавање на сопственото знаме на државата во која си министер за одбрана.

Грешењето на знамињата почна од посетата на Себастијан Курц, австрискиот канцелар пречекан со латвиското знаме во Влада. Потоа Кристијан Тимоние, наместо со знамето на државата која ја претставува – Франција, во Охрид беше пречекан со холандското знаме.

По овие два скандала, малку се сепнаа, па српската премиерка Ана Брнабиќ не ни доби свое знаме за сликање пред зградата на Владата.

Потоа Пендаровски мораше да му се извини на колегата Мило Ѓукановиќ, кога претседателот на Црна Гора беше пречекан со грешно поставено знаме.

Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, пак, се изрезили кога на „Фејсбук“ се заблагодари на Холандија што го ратификувала протоколот за НАТО – со знамето на Јемен.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.