Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска при посетата на касарната „Јане Сандански“ во Штип најави покачување на платите на цивилните лица во Армијата. Таа забележа дека пред две и пол години точно од Штип го најавила првото покачување на платите во Армијата.

-По второто покачување на платата од крајот на овој месец, платите на сите цивилни лица во Армијата ќе бидат дополнително зголемени за 10 проценти, а со почетокот од март сите припадници на Армијата оние кои имаат над тригодишни договори ќе успеат да добиваат месечно издатоци за станарина. Ова е износ од 7 илјади денари секој месец. Тоа, значи, ако пред две и пол години, пред доаѓањето во Штип платата на одреден професионален војник изнесувала 20 илјади денари, тогаш заедно со овие покачувања, заедно со станарината, тој или таа, сега секој месец ќе добиваат над 30.000 денари, рече Шекеринска.

Таа истакна дека најниско платените вработени во Армијата со ова покачување ќе имаат зголемување за 50 проценти на примањата. На овој начин, како што рече таа, се зголемува мотивот за да припадниците останат да работат тука во Армијата.

Министерката Шекеринска истакна дека годинава земјава ќе стане членка на НАТО, но како што рече, тоа значи и започнување на одредени стандарди.

-Задоволство ми е што токму во Штип ќе биде лоциран нашиот главен НАТО ресурс, лесната пешадиска борбена група која ќе ги има и повисоките стандарди на обука, повисоките стандарди во дел на опремата, рече Шекеринска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.