Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, денеска и утре е во работна посета на Чешката Република, каде што ќе се сретне со својот колега, министерот за одбрана, Лубомир Метнар. Шекеринска како почесен гостин ќе присуствува и на „Деновите на НАТО“ кои се организираат во Острава, каде ќе присуствуваат и министрите за одбрана на земјите од Вишеградската група – Чешка, Полска, Словачка и Унгарија.

На средбата со министерот Метнар, ќе стане збор за билатералната одбранбена соработка, интеграцијата на Северна Макеоднија во Европската Унија и процесот на пристапување во НАТО – Алијансата, како и можностите за соработка на полето на воената индустрија. Министерката Шекеринска ќе се заблагодари за успешно завршената ратификација на пристапниот протокол од страна на чешкиот Парламент, соопшти Министерството за одбрана.

Македонија и Чешката Република во областа на одбраната соработуваат од 2000 година, кога беше потпишана и Спогодбата за соработка. Чешка во континуитет го поддржува членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, а одбранбените односи се карактеризираат со чести средби на највисоко политичко и експертско ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.