Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Министерството се сретна со Метју Палмер, заменик помошник на државниот секретар на САД и специјален претставник за Западниот Балкан, кој е во посета на нашата држава.

На средбата стана збор за НАТО перспективата на државата која со ратификацијата во Сенатот на САД и уште 25 земји членки на НАТО е сосема јасна,  Македонија наскоро ќе биде потврдена како 30.земја членка на НАТО.

Високиот гостин од американскиот Стејт Департмент ја реафирмираше поддршката на САД за нашата земја и за европските перспективи на државата.

Ратификацијата во сенатот на САД и посетата на американскиот државен секретар Помпео се силен доказ за стратешкото партнерство и поддршката од САД за Македонија. Недонесувањето на одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори не ја менува нашата одлука, да работиме на остварувањето на нашите стратешки цели, членството во Европската Унија и НАТО – рече Шекеринска.

Министерката и заменикот помошник државен секретар на САД, Палмер заклучија дека соработката во одбраната меѓу двете земји е на највисоко ниво и дека со членството на  Македонија во НАТО таа соработка ќе се зајакнува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.