Првиот ден од посетата на САД министерката за одбрана Радмила Шекеринска го помина на средби во Стејт Департментот и во Пентагон каде што се сретнала со новиот американски пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Како што соопшти министерството за одбрана, на средбата било заклучено дека местото на Западен Балкан е во ЕУ и оти новата американска администрација сака што поскоро да ја види Македонија во преговарачкиот процес со Унијата.

Шекеринска во Стејт Департментот имала средба и со првиот човек на Бирото за политички и одбранбени прашања Тимоти Алан Бејтс, на која била реафирмирана американската позиција за стабилен и просперитетен регион и решавање на прашањата кои ги попречуваат мирот и стабилноста.

Шекеринска нагласи дека нашата држава како членка на НАТО ја прифаќа одговорноста да придонесува во безбедноста на Балканот и дека учествува во повеќе регионални иницијативи како и во мисијата КФОР во Косово – се наведува во соопштението.

Шекеринска разговарала и со Хајди Грант, директорка на Агенцијата за безбедносно- одбранбено соработка. На средбата станало збор за тековните проекти за модернизација на Армијата.

Шекеринска во Вашингтон го посетила и Националниот меморијален центар Арлингтон при што положила цвеќе на Гробот на незнајниот војник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.