Шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас и заменикот министер за надворешни работи надлежен за економска дипломатија Костас Франкојанис во вторник, на 26 ноември, ќе го посетат Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Гениматас на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на МИА, рече дека агендата на разговори се уште се комплетира, но со оглед на тоа дека и Франкојанис ќе биде во Скопје заедно со Дендиас, ќе стане збор и за економската соработка.

Една од темите за кои ќе се разговара е и дополнителен развој на нашите економски односи, затоа ќе биде присутен и господинот Франкојанис. Мислам дека желба на двете страни е соработката да се движи во позитивна насока, рече Гениматас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина.

Шефовите на дипломатиите на Грција и на Македонија се сретнаа вчера во Брисел, средба за која Гениматас рече дека била конструктивна и станало збор за подготовките за посетата на Дендиас на Скопје.

Во рамките на грчката стратегија за Западен Балкан, грчката влада има намера да преземе конкретни иницијативи за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот, со цел консолидација на безбедноста, зајакнување на стабилноста и развој на просперитетот на поширокиот регион, рече портпаролот на грчкото МНР

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.