Балканска истражувачка известувачка мрежа (БИРН) објави дека 66 медиуми во Македонија добиле дел од колачот од 900.000 евра што Парламентот ги распределил за пропагирање на пропаднатиот референдум од 30 септември за Преспански договор.

Според податоците добиени врз основа на Законот за јавен пристап до информации, БИРН открива дека 82 проценти од средствата добиле националните телевизии, шест отсто локалните ТВ-станици, 10 отсто радијата и два отсто дневните весници.

Од националните ТВ-куќи најмногу се офајдил Сител, кој добил речиси 140.000 евра. Следуваат Телма со 107.000 евра, Алсат-М и Канал 5 со по 105.000, потоа ТВ 21 со 81.000, 24 Вести и 1ТВ со по 64.000 и Алфа со 30.000.

Остатокот од 400.000 евра од вкупно 1,3 милиони, колку што издвои Владата за оваа намена и му ги отстапи на Собрание за да ги распредели, останаа неискористени откако ВМРО-ДПМНЕ ги одби, на тој начин искажувајќи го своето спротивставување на договорот со Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.