Скоцкан од глава до пети, во негов стил, со крената глава денеска во Основниот кривичен суд Скопје влезе Бојан Јовановски, да присуствува на главната расправа за случајот „Меѓународен сојуз“, во која тој се јавува како првообвинет.

Ова е прво појавување на Боки 13 во јавноста по подолго време. По повеќе од 15 месеци поминати во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Јовановски беше префрлен во домашен притвор на крајот на октомври.

Денеска, со својата кожна јакна, кожни ракавици ала Карл Лагерфилд, „шанел“ брош и бастун, жестоко го започна рочиштето за вториот случај во кој е обвинет.

Изземање на судија е дозволено и јас тоа го барам. Овој судија не може да биде непристрасен при носењето одлука бидејќи веќе има оформено мислење од претходниот предмет. Имавте дискриминаторски однос кон мене и за тоа дека моите ми носат гардероба од дома. Јас и денеска сум добро дотеран, рече Јовановски.

Тој ја обвини судијката  Софче Ефремова Гаврилова дека носи одоворност затоа што го држела во ефективен притвор и покрај лошата здравствена состојба.

Ова е цензурирање, ја обвини Боки судијата кога таа му се обрати со повишен тон.

Бев жртва на уцена на политички багабонти но не погледав на тие притисоци. Вие сте дел од ова бидејќи тие багабонти ми правеа притисок, рече Јовановски.

На тоа Ефремова Гаврилова реагираше и рече дека му го одзема правото на збор за ова рочиште.

Боки, џабе креваш рака не ти давам збор, му рече судијката на обвинетиот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.