Министерот на информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, во воведниот говор на онлајн Регионалниот форум за иновации организиран од Меѓународната телекомуникациска унија (ИТУ) за Европа, на тема: „Развој на иновативни дигитални екосистеми кои ја забрзуваат дигиталната трансформација на клучните сектори“ изјави дека МИОА, во целосна координација со Владата, ги поставило своите цели во процесот на дигитализација на земјата.

Како што изјави Шаќири, нивната цел било да промовираат понатамошни мерки за помош на ИТ секторот, за да може овој сектор да го продолжи својот раст без никакви пречки.

Дигиталната трансформација може да поттикне иновации и да ја зголеми продуктивноста во многу активности, да ги трансформира јавните услуги и да ја зголеми благосостојбата, бидејќи информациите, знаењето и податоците стануваат подостапни. Иновацијата и претприемништвото во ИКТ секторот се препознаваат како основна алатка за создавање работни места и економски развој во Македонија. Истиот тренд важи и за другите земји од Западен Балкан – изјави Шаќири.

Тој ја истакна посветеноста на МИОА кон процесот на дигитализација и иновации и во исто време изрази благодарност за континуираната поддршка и помош што ја нуди Европската Унија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.