Министерот за образование и наука Јетон Шаќири нема информација кога ќе почне скринингот на учениците, меѓутоа вели дека процесот е во тек и најверојатно ќе се реализира во следниот период.

Немаме информација од Министерството за здравство, но тие соработуваат со Комисијата за заразни болести. Денеска има состанок, сигурно во наредниот период може да го организираат и скринингот. Нема никаква информација денеска кога почнува, рече Шаќири одговарајќи на новинарско прашање на настанот со кој започнува социјалниот дијалог насловен „Учи паметно работи стручно“.

Важно е, вели тој, дека процесот е во тек и оти со добрата комуникација, децата веднаш по пројавување симптоми не одат на училиште. Тој смета дека барањето за одложување на второто полугодие од две недели веќе го поминавме.

Сега сме во другата фаза во образовниот процес и мислам дека сите со добра соработка ќе може да ја поминеме и новата варијанта на вирусот и да дојде крајот на омикрон во нашата земја, рече Шаќири.

Прашан зошто учениците од државната математичко-информатичка гимназија се на онлајн настава и добиле информација дека училиштето нема затоплување, министерот вели дека добил ветување дека за најбрзо време ќе се реши овој проблем.

– Делот на образованиот процес се менаџира и од локалната власт, во конкретниот случај во директна комуникација се Градот Скопје со ова училиште, рече Шаќири додавајќи дека како министер ја разбира целата ситуација со училиштето и се разгледуваат сите можности истото да се поврзе преку БЕГ за да се избегне оваа проблематика.

Други вакви проблеми, како што рече, нема. Посочи дека во петокот имал состанок со градоначалниците и оти никој од присутните на средбата не се пожалил за проблем од технички аспект.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.