На народите кои живеат во Западен Балкан им недостасува повеќе сплотеност и почит кон различностите и помалку насоченост кон екстремен национализам, нетолеранција и омраза, за да бидеме похармонична и поубава средина за живеење, смета министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

На настанот на кој беа претставени досегашните резултати од програмата за училишна размена и вмрежување „Супер училишта“ денеска во Струга, тој посочи дека доколку промените потешко се случуваат кај повозрасните, кај младите сигурно дека ќе успеат да влијаат системски, односно преку правилна поставеност на националните образовни системи и со доволно голема поддршка од граѓанскиот сектор.

Мораме да ги научиме да бидат насочени кон дијалог, кон градење мир и кон поголем меѓусебно почитување. Да прераснат во луѓе без предрасуди, да соработуваат и да разменуваат искуства верувајќи дека така ќе придонесат за подобар живот во сопствената земја, а со тоа и во регионот – рече Шаќири.

Резултатите од досегашната имплементација, според него, се мотивирачки и очекува во иднина да бидат уште подобри.

Особено сум горд што и училишта од Македонија зедоа активно учество во иницијативата. Со тоа се потврдува дека и ние како земја имаме младина која покажува подготвеност за учество во креирање на промените кои сите сакаме да ги видиме во Западен Балкан – рече Шаќири.

Повика на истрајност во спроведувањето на оваа иницијатива, како и нејзина поголема промоција и проширување во иднина.

Да вклучиме што повеќе млади и да градиме регион, кој ќе биде отпорен на политички влијанија чија цел е продлабочување на јазот меѓу народите – додаде Шаќири.

Програмата за училишна размена и вмрежување „Супер училишта“ која ја спроведуваат Регионалната канцеларија за младинска соработка и Германското друштво за меѓународна соработка, има за цел поврзување на средните училишта од земјите во Западен Балкан со цел подобрување на нивните капацитети за спроведување на проекти за градење на меѓукултурен дијалог и регионална соработка.

Во рамки на иницијативата, 30 средни училишта од Македонија, Босна и Херцеговина,

Албанија, Србија, Косово и Црна Гора, оранизирале 60 активности за размена на искуства преку вмрежување на над 800 ученици на возраст од 15 до 17 години. Во активностите биле вклучени и повеќе од 100 наставници, а ќе се спроведува до март 2024 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.