Состојбата поврзана со пандемијата предизвикана од коронавирусот во градинките е стабилна. Според податоците со кои располагаме, се покажа дека со почитување на мерките и протоколите се спречува внатрешно ширење на вирусот. Минатиот петок се забележани 34 нови позитивни вработени и само осум позитивни деца, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Тврдењето дека состојбата е стабилна, како што рече, го темели на основа на сите досегашни податоци од отворањето на градинките.

-Пред фактите и бројките и боговите молчат. Во петокот имавме 34 нови позитивни вработени. Ако ви кажам дека бројката во претходните недели се движеше 58, 56 што значи скоро е преполовен бројот на позитивни и само осум нови позитивни деца. Стабилна е состојбата. Ширењето на инфекцијата меѓу децата во градинките досега не постоело и бројките одговараат на вкупната епидемиолошка состојба во државата, рече Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање по увидот на изградбата на детска градинка во Драчево.

Таа додаде дека во прилог на тврдењето е и информацијата од општината Кисела Вода, каде во градинките во моментов нема ниту еден позитивен воспитувач, ниту едно позитивно дете.

Ова говори дека со почитување на протоколите и препораките на Комисијата за заразни болести состојбата во градинките може да се одржува стабилна, нагласи министерката за труд и социјална политика.

Според неа, во моментов има 7.500 слободни места за згрижување на децата, бидејќи од 21.350 слободни места за сместување на деца по протокол, згрижени се 13.400 дечиња.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.