Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, при гостување во емисијата „Топ Тема“ на Телма телевизија изјави дека одлуката на Владата за отворање на градинките да стартуваат со работа на 9 септември била донесена на 2 септември, што им оставило простор од две недели на родителите да се подготват и организираат.

Шахпаска додаден дека со самото отворање на градинките се изгубила смислата за продолженото породилно отсуство.

Министерката посочи дека Протоколот усвоен на 29 мај 2020 година прецизно ги утврдува, условите во градинката, однесувањето на вработените и бројот на деца во групите во услови на Ковид-19.

Како Министерство одговорно ја следиме состојбата од првиот ден, со конкретни анализи колку деца по Протоколот можат да престојуваат во градинка, согласно воспоставените приоритети односно влезен критериум, а тоа се деца на самохрани родители и деца на двајца родители кои се вработени и работата ја извршуваат со физичко присуство – рече Шахпаска.

Во однос на прашањето за слободни места во градинките, министерката Шахпаска посочи на податоците од терен односно од градинките, а тие потврдуваат дека има слободни места, а инспекциската служба при посета на неколку градинки утврдила дека бројот на деца кои навистина престојуваат во градинката е двојно помал од запишаните деца. Па така, градинката Росица во Ѓорче Петров има запишани 79 деца, а само 39 деца престојуваат во неа, во градинката Пролет во Карпош од 48 деца, градинка посетуваат 15 деца и Буба Мара во Аеродром каде запишани се 96 деца, а инспекторите утврдиле присуство од 15 деца.

Министерката апелираше до родителите да покажат општествена одговорност и солидарност ако немаат план да ги носат децата во градинка, да им отстапат место на оние на кои им е навистина потребно. Таа додаде дека е испратен и допис од Министерството до градинките, вработените во нив да ги исконтактираат родителите за тие да се изјаснат.

Најголем капитал во општеството е човечкиот. Здравјето на граѓаните е најважно. Проценката во кој момент би се преземале поригорозни чекори се носи на основа на темелна анализа и проценка од страна на епидемиолозите – истакна министерката Шахпаска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.