Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека сериозно ќе размислат за барањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ  Христијан Мицкоски за предвремени парламентарни избори.

Мојот став го повторувам барем еднаш неделно. Политички, за СДСМ е посакувано да има избори, ги знаеме анкетите. Ако истрчаме, ќе добиеме 4 години пред нас. Тоа за секој политичар, политичка гарнитура, е, богами, убаво. За Македонија – Македонија може и да изгуби. Прво ќе изгуби од 3 до 6 месеци околу подготовка, спроведување на изборите, формирање влада, давање мандати, недавање мандати… Тоа ќе се одрази директно на економијата и може да значи застој во реформите.

Заев ја искритикува опозицијата за опструкции на евроатлантскиот процес на Македонија без да даде алтернатива, зашто „и малите деца знаат дека алтернатива не постои“.

Вчера на ваков ден, опозицијата излегува со повик на избори. Ова е сериозно. Затоа што ако ние барем не размислиме, не би биле сериозни политичари и политичка партија. Секако, сериозно ќе размислиме и ќе го отвориме ова прашање најбрзо во највисоките органи  и тела на СДСМ, следуваат претседателски избори и е вредно за размислување како прашање, рече Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.