Денеска, на големиот црковен празник Мала Богородица, во новачкиот манастир Рождество на Пресвета Богородица, Митрополитот преспанско- пелагониски Петар чиноначалствуваше со свештенослужителите на архиерејската литургија. Во својата порака до јавноста и народот, Митроолитот рече дека сега е време кога немаме доблесни личности кои можат да послужат за пример на чесност и достоинство. Затоа мораме да се угледаме на Мајката Божја Пресвета Богородица, сега кога го славиме нејзиното раѓање како еден од најголемите празници во христијанството.

Посaкаувам, преку раѓањето на Пресвета Богородица, да се родат и во нас добри желби, добри идеи оти веќе најверојатно немаме доблесни личности, кои можат да бидат образец и пример на луѓето во чесност и достоинство. Дојде време кога мораме исклучиво да се угледаме на Мајката Божја Пресвета Богородица како образец на чистотата, на светоста и на тој начин да се поврати достоинството на нашиот народ и нашата Света Црква, рече владиката Петар.

Овој манастирски комплекс изграден пред 29 години во срцето на Пелагонија, непосредно до Црна река и село Новаци, претставува силна духовна поткрепа за пелагониските земјоделци, познат по своите чудотворни моќи уште од времето кога била откриена иконата на Мајката Божја. Но, најмногу вербата во нејзината моќ порасна пред неколку години, кога покрај големите поплави во Пелагонија, на чудесен начин водата не влезе во црквата и прекрасниот фрескоживопис со вредните икони се спасија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.