Денеска во Соборниот храм „Свети Сава“ во Белград се случи првото сослужување на поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ, по 55 години, како дел од процесот кој треба да резултира со издавање Томос од Вселенската патријаршија за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ по повеќе од 250 години. За општата јавност таа денешна служба е само слика и говор на архирите на двете цркви, меѓутоа за црковната јавност, која подлабоко е навлезена во литургискиот живот има многу поголемо значење, пишува порталот „Религија.мк“ во својата анализа за денешниот настан во главниот град на Србија.

„Општиот и генерален заклучок од денешното сослужување е дека ова не беше служба на победници и поразени. На надмени и потчинети, на понижени и горди, туку служба на рамоноправност во рамки на она што го овозможуваат канонините. Организаторите на оваа служба, многу добро се координирале за да ги избегнат сите можни замки за различни толкувања. Иако зборот компромис, не може да се користи кога станува збор за литургија, сепак низ слободно јазичен говор тој може да се толкува во неколку детали од службата, кои се суштински, а кои не го нарушуваат литургиски ред. Во тие делови се водела грижа, никој да не биде понижен, а да се запази редот на литургијата“, пишува „Религија.мк“, наведувајќи седум важни детали.

Првиот детал е Белата пана – капата со бел вел што ја носи поглаварот на помесната православна црква. Вечерта на пречекот, анализира порталот, ниту архиепископот Стефан ниту патријархот Порфириј не ги носеа Белите пани. Избрале да ги носат обичните црни капи, покажувајќи рамноправност, иако на тој чин и не мора да носат Бела пана. Утрово со Соборниот храм „Свети Сава“, пишува понатаму „Религија.мк“, дојдоа во веќе облечени одежди и митри за служба, што уште еднаш го покажаа нивото на рамноправност, без да се дозволи на јавноста тоа да го толку на еден или на друг начин. Сепак по службата, непосредно во близина на Соборниот храм, каде се случуваше и културен настан, двајцата поглавари ги носеа Белите пани, еден до друг.

Вториот важен детал од оваа приказна е пред почентниот дел од литургијата. Двајцата поглавари седеа на идентични Тронови (или нардоски столици), нешто што не дозволува можност за толкување дека некој е поважен од другиот. Третиот важен аспект од оваа служба е што во употреба паралелно беа и македонскиот и српскиот јазик, како богослужбен јазик. Сослужителите и владиците од страна на СПЦ го користеа српскиот јазик, сослужителите и владиците од МПЦ-ОА го користеа македонскиот јазик“, пишува во анализата.

Четвртиот суштински детал во ова сослужување, се наведува понатаму, е што четворица митрополити – двајца од СПЦ, двајца од МПЦ-ОА, вршеа причестување на верниците во храмот „Свети Сава“, кои беа во огромен број дојдени да го следат овој историски настан.

Петтиот, исто така многу важен детал, на кој се внимавало да се зачува достоинството на МПЦ-ОА, но паралелно со тоа и на СПЦ е архиерејското учество во сослужувањето. Од македонска страна покрај архиепископот Стефан беа уште четворици владици: Петар, Тимотеј, Наум и Климент. Од српска страна исто, но многу суштински важно е што во сослужувањето учествуваше само еден од владиците на ПОА, Јоаким, кој практично како дел од Синодот на ПОА дојде како клирик на СПЦ. Тројцата владици кои се одвоија од МПЦ-ОА во 2002, Јован, Марко и Давид не сослужуваа, но молитвено учествуваа во службата со присуство во олтарот на храмот „Свети Сава“.

„Шестиот важен елемент во анализата на оваа служба е спомнувањето на учесниците во службата. Иако не секогаш е практика, сепак целосното именувањето на титулите е дел од тој процес. Во оваа служба се спомнуваа само имињата и титулата, но тоа важеше и за двете страни. На пример ’патријарх Порфириј‘, наместо ’патријарх српски Порфириј‘. И ’архиепископ Стефан‘, наместо ’архиепископ охридски и македонски Стефан‘“.

Седмиот и можеби најважен детал, кој предизвикува дилеми кај некого во јавноста, а кој и самиот патријарх Порфириј го издвои како видео од службата на својата Фејсбук страница е спомнувањето на поглаварите на помесните православни цркви, како израз на единство на црквата во литургиите.

Целата анализа можете да ја прочитате ТУКА.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.