Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ  ги потпиша договорите со седумте економски оператори кои се ангажирани дополнително да ги преведуваат актите на Европската унија на македонски јазик.

Досега преводите редовно ги извршуваше Секретаријатот за европски прашања, но по првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ преку јавен повик се ангажирани уште седум фирми кои со своите преведувачи ќе треба да помогнат.

Денешното официјализирање на соработката со економските оператори, во еден од клучните делови за нашата успешна евроинтеграција на земјата, а тоа е преводот на правните акти на Европската Унија, доаѓа во вистинско време кога ги отворивме преговорите со Унијата и кога мораме уште поинтензивно да работиме на усогласеноста на нашето националното законодавство со правото на ЕУ“, вели Маричиќ.

Според Маричиќ процесот на преведување на европското право на македонски јазик се одвива без прекин, бидејќи и по отворањето на преговорите со Унијата и отпочнувањето на скрининг процесот земјата паралелно мора да работи на усогласувањето на националното законодавство со правото на ЕУ.

Успехот на скринингот и неговото времетраење во голема мера зависи од усогласувањето, односно процесот на преземање и примена на acquis. Овој услов за членство е идентичен за сите земји кандидатки, а произлегува од правниот систем на ЕУ, кој одредува дека сите официјални јазици на земјите-членки се и официјални јазици на Унијата и дека сите јазични верзии на правните акти се оригинални и еквивалентни“, рече Маричиќ.

Маричиќ истакна дека добар и квалитетен превод значи правилно транспонирање и имплементирање на законодавството на Европската Унија, а истовремено македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата кога нашата држава ќе стане нејзина полноправна членка.

Изминатата година, од страна на внатрешните ресурси со кои располага Секретаријатот за европски прашања, заедно со ангажираните надворешни лица, беа преведени, јазично ревидирани и лекторирани вкупно 17.322 страници, што претставува показател на една успешна приказна, која мора и треба да продолжи.

Оваа година СЕП склучи Рамковна спогодба со седум економски оператори за превод на европското законодавство, кои вкупно имаат 110 преведувачи и 35 лектори. Согласно оваа Рамковна спогодба ќе се врши превод од англиски и француски јазик на македонски јазик, истите текстови јазично ќе се ревидираат и лекторираат. Понатаму пакетите се испраќаат во СЕП и Секторот за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ врши внатрешна контрола на доставените материјали. Оваа година има предвидено вкупно 20 милиони денари со ДДВ за усогласување хармонизација со европската правна рамка и се очекува превод, јазична ревизија и лектура на над 15 илјади авторски страници.

Правото на ЕУ претставува инструмент за успешна интеграција, но неговото усвојување е услов, а не предмет на преговарање со Унијата. Оттука, преводот на правото на ЕУ претставува обврска која мора да биде извршена со највисок квалитет и да се одвива континуирано. Македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата кога државата ќе стане нејзина полноправна членка. Преводот на правните акти на ЕУ мора да соодветствува со стандардите на македонскиот јазик, а сепак да го одразува духот на евро-жаргонот, со што ќе се обезбеди збогатување, но и заштита на самиот јазик, а тоа бара интензивна работа, особено во годините што доаѓаат“, додаваат од СЕП.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.