Учебниците што ги откупува и дистрибуира МОН навреме ќе стигнат до училиштата, соопшти министерката Мила Царовска. За прво одделение се печатат учебници по нови наставни програми и според новата Концепција за основно образование и тие навреме ќе бидат распределени. Во четврто одделение, каде што исто така ќе се работи по нови наставни програми како и во прво, треба да почне дигитализацијата.

Бирото за развој на образованието, посочи Царовска, има подготвено материјали за учење за четвртоодделенците. Дигиталните учебници ќе бидат поставени на платформи за преземање, а децата во социјален ризик на реверс од училиштата ќе добијат дигитални уреди на кои, рече Царовска, симнати се 3.000, а се очекуваат уште 7.000, со што и овие ученици ќе имаат еднаков пристап до содржините.

Тоа се материјали за учење подготвени од Бирото за развој на образованието заедно со авторски тимови и поминати од рецензенти, подготвени по дадена методологија, кои влегуваат во четврто одделение по новата Концепција, изјави денеска Царовска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на ФЕИТ.

Предлог-законот за учебници и наставни материјали кој наиде на отпор да се дигитализираат учебниците со иницијатива за референдумско изјаснување на граѓаните, Владата го повлече од собраниска процедура, а МОН најави дека од септември повторно ќе организира дебати за нови сугестии со кои ќе биде подобрен предложениот текст.

Законот за учебници треба да влезе во постапка, сега е летен период. Собранието веројатно наскоро ќе се врати на работа и стручната јавност ќе има можност да се изјасни за кој дел од законот имаат дилеми дали може или не може да се спроведе. Многу подобро ќе биде дискутирањето по тој Предлог-закон затоа што сега ќе имаме пример на дигитален учебник, како тој изгледа и која е неговата вредност која не може да се спореди со печатен учебник во ниту еден момент. Родителите што ќе имаат пристап до материјалите за четврто одделение ќе може да видат дека решавањето квизови и мултимедија е многу поинтересно за учениците и дури тогаш ќе може на директен пример да дискутираме што во законот ни пречи, истакна министерката за образование и наука.

Посочи и дека свидетелствата за минатата учебна 2020/2021 година се доставени од БРО до училиштата и ќе им бидат доделени на учениците до крајот на законскиот рок, 31 август, или на првиот училиштен ден.

Во врска со целодневната настава и дневниот престој, Царовска одговори дека одлуките ги носат општините според капацитетите и ресурсите со кои располагаат училиштата на нивна територија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.