Се зголемува бројот на нови заразени со коронавирус, нови рестрикции засега ќе нема

Македонија 28.02.2021 / 8:39
(фото: Фејсбук профил на Венко Филипче)

Не е исклучена можноста за нови рестрикции, но засега нема да има, изјави министерот за здравство Венко Филипче откако во изминатиот период се бележи благ пораст на бројот на новозаразени и честа појава на случаи со мутираниот, британски сој на вирусот.

Нема таква индиција поради тоа што порастот не е таков како што беше на почетокот на ноември. Има благ пораст што не е ризик за болничките капацитети, но, секако, е причина граѓаните да бидат апсолутно многу внимателни, рече вчера Филипче.

Бројките во здравственот билтен се повторно повисоки од претходното деноноќие – вчера беа регистрирани 721 новозаразен (од 3816 тестирања), 167 повеќе од статистиката за завчера. Меѓу новозаразените е и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски кој тоа го објави на својот фејсбук-профил.

И натаму со најмногу нови инфицирани, покрај Скопје, се Прилеп, Кавадарци и Охрид кои, исто така, по главниот град, имаат и најмногу активни случаи на КОВИД-19. Филипче апелираше граѓаните да не се опуштаат и да ги почитуваат мерките – носење заштитна маска и дистанца, посочувајќи ги овие три општини со зголемен број дијагностицирани, но и хоспитализирани пациенти, со британската варијанта на вирусот која, рече, многу полесно се пренесува.

Во вчерашната статистика беа евидентирани и 171 оздравен пациент, но и уште седум починати, на возраст од 43 до 81 година. Во болниците во државава се хоспитализирани 669 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот, од кои 242 се во главниот град, а 427 во ковид-центрите и инфективните оддели во другите градови. Министерството за здравство соопшти дека има 380 празни болнички кревети. Бројот на активни случаи во земјава е 8290, од кои 3681 се во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.