Зоран Иванов сепак ги избриша своите постови за Екатерина Захариева, министерката за надворешни работи на Бугарија.

Доцна вчера вечерта на неговиот профил го немаше ниту првичниот пост, кој беше со остра реторика за Екатерина Захариева и за Дора Бакојани, ниту вториот пост со кој објаснуваше зошто така се изразил за една жена.

Последна на неговиот профил беше фотографија од 25 октомври.

А како што е познато, Владата уште по неговиот првичен пост одлучи да го разреши Иванов како претседател на Извршниот одбор на Македонската информативна агенција.

Вчера вечерта, во својата изјава за ТВ 24, Зоран Иванов рече дека нема намера да го повлече својот прв пост на ФБ, додавајќи дека за него најголем говор на омраза е негирање на нацијата и јазикот.

Тој напиша и нов пост со кој се дообјасни.

Самиот поим жена симболизира племенитост, мајчинство, душа. Кога користејќи ја позицијата, жена ти навредува, ти негира, и најотворено ти мрази цела нација, и која и во овој 21 век цел народ множи со нула, би било поцелисходно таквата жена, таквите жени, пред да се наватат на своите функции, да погледнат во својата душа, за да си проверат дали воопшто имаат бар тронка совест. На некои не им успева, напиша вчера Иванов на Фејсбук.

А како што е познато, по првиот пост на Иванов реагираше Екатерина Захариева.

Она што се случува со говорот на омраза во Македонија во последно време е целосна срамота. Заев веќе подолго време знае каде државата го прекршила Договорот за добрососедство, имавме меѓувладина комисија – рече вчера утрото вицепремиерката на Бугарија, Екатерина Захариева во етерот на „Здраво, Бугарија“ на Нова Телевизија.

Министерката за надворешни работи објасни дека не ги прифаќа македонските изрази лично, но е против таквиот јазик против Бугарките.

Инаку ова не е првпат некој од пулените на Заев да покаже дека работи под негов диктат. Имено професорот на Правниот факултет и самопрогласен политички аналитичар од граѓанскиот сектор, Тито Беличанец, на својот Фејсбук профил потврди дека со своите постови одработува агенди во корист на Зоран Заев и СДСМ.

Тој јавно, на својот Фејсбук профил објави дека Заев му се јавил со барање да не објавува ништо што некој би можел да го сфати како критика или навреда кон Бугарија, па ги избришал навредите кои, очигледно со ист таков повик почнал да ги објавува.

Беличанец многу често во јавноста се огласуваше со ставови речиси идентични и многу слично формулирани на тие што ги соопштуваше Заев или некој од припадниците на власта. Така беше и изминативе денови кога Белианец, слично како Заев, Димитров или Пендаровски, објавуваше критики на сметка на Бугарија, дека немала парво да стави вето на ЕУ-интегративниот процес на Македонија.

Од друга страна, пак, претходно, токму Беличанец, кој деновиве, парарелно со Заев, ја критикуваше Бугарија за недемократски принципи, беше еден од најжестоките во одбрана на Договорот со Бугарија против секого и се за што тој сметаше дека е против тој договор и бугарските интереси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.