Министерството за здравство и Управата за електронско здравство воведуваат новини во националниот систем Мојтермин, со цел подобрување на здравствената евиденција и поедноставување на работата на здравствените работници, но пред се заради оптимизација на процесот на упатување на пациентите и побрзо добивање на услугата која им е потребна на пациентите, соопшти Министерството за здравство.

Најзначајната новина која се воведува се два нови упати, од кои првиот тип е „Итен 24“, кој ќе се издава доколку лекарот кој врши преглед утврди дека пациентот заради неговата состојба (животозагрозувачка/итна состојба) е неопходно да биде прегледан од специјалист, односно супспецијалист или да му биде извршена одредена дијагностичка процедура во рок од 24 часа.

Вториот тип на упат се нарекува „Упат без термин“ и се користи во случај кога пациентот има потреба од преглед, поврзан со остварување одредено право и прегледот треба да се изврши во следните 7 дена. Овој тип на упат ќе се користи доколку во установата каде што се упатува пациентот не постои слободен термин во следните 7 дена за т.н. регуларен преглед.

Имено, упатот без термин нема да се користи за прв преглед, туку за остварување права и обврски на осигурениците од задолжително здравствено осигурување и тоа за:

  • препорака за боледување,
  • препорака за користење хронична терапија,
  • препорака и издавање ортопедски помагала,
  • остварување право на БПО,
  • остварување други права за кои е потребно мислење од специјалист/супспецијалист/ конзилиум на лекари,
  • преглед/аплицирање терапија, која поради здравствената состојба треба да се изврши во рок од 24/48/72 часа

Во делот на болничко работење се воведува нова мерка, со која отпусното писмо задолжително ќе се издава на денот на испишување на пациентот од болница, а најдоцна во рок од 24 часа. Доколку за пациентот се чека хистопатолошки наод се издава отпусно писмо со работна дијагноза, а по добивање на резултатите и отпусно писмо со конечна дијагноза.

Исто така, интерклиничкиот упат и интерболничкиот упат се спојуваат во еден тип – Упат за трансфер на хоспитализиран пациент.

Управата за електронско здравство, заедно со ФЗОМ во изминатиов период работеше на подготовка на правната регулатива во овој сегмент, во соработка и консултација со јавните здравствените установи и Лекарската комора на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.