Во употреба се воведува европскиот број за итни повици Е-112. Во случај на нерсреќа, граѓаните ќе можат да се јават на овој број и да го пријават настанот.

Во исто време, преку координација од Центарот за управување со кризи (ЦУК) ќе се ангажираат сите единици, полицијата, итната медицинска помош и бригадата за противпожарна заштита. Се уште остануваат во функција телефонските броеви 192, 193, 194.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција нагласи дека новиот број 112 е потребно да го знае секој граѓанин. Ја истакна сериозноста на професионалните обврски кои ќе ги имаат примателите на повик, односно телефонски оператори, кои ќе се јават од Скопје, но и од останатите простории низ државата. Соопшти дека затоа предложиле до Владата, а потоа и добиле одобрение во Законот за управување со кризи да се направи измена и примателите на повици да имаат зголемена плата од 30, односно 35 проценти. Најави дека вработените во овој сектор 112 ќе имаат поголема плата за 35 проценти.

Воспоставивме соработка со МО, каде што сите лица коишто ќе работат со Е-112 најпрво ќе мора да положат тестови за интелигенција, тестови за карактерни особини, тестови за познавање на англискиот јазик или евентуално познавање на друг јазик. Меѓу вработените ќе има и лица коишто го зборат албанскиот јазик, но и за нив е потребно да го зборуваат англискиот или друг светски јазик – рече Ангелов.

Додаде дека ќе биде потребно и познавање на компјутерски вештини. Примателот на повик, како што рече, треба да ја води жртвата, треба да ја одржи во живот доколку се наоѓа во животна опасност.

Раководител на проектот и на секторот 112 во ЦУК Душко Петровски информира дека се работи за европски проект кој треба да го имплементира секоја земја аспирант и членка на ЕУ. Целта е да се спроведе како единствен европски број за итни повици со цел да му се помогне на населението во случај на загрозување на нивните животи или материјални добра на државата. Почетокот на проектот е од 2008 година, а во 2016 година била втората поголема активност. Покрај ЦУК, во проектот се вклучени министерствата за внатрешни работи, за здравство, бригадите за противпожарна заштита, Агенцијата за електронски комуникации, Дирекцијата за заштита и спасување…

Во 2020 година почнала адаптација и реконструкција на шест оперативни центри. Покрај овој оперативен центар во Скопје, како центри се Тетово, Битола, Штип, Охрид, Струмица и Велес и последниот осми регионален центар ќе биде во Куманово.

Италијанската компанија „Бета 80“ која го добив тендерот за набавка на средства и опрема со која сме во секојдневен и постојан контакт ги обезбедува сите врски, средства и опрема информатички за функционирање на 112, комуникациската поврзаност помеѓу овие центри, како и обуката која претстои и која треба да претстои во наредниот период – изјави Петровски.

Оваа платформа ќе означи мултијазична поддршка за граѓаните коишто ќе се јавуваат, без разлика дали се работи за македонскиот, албанскиот јазик, англискиот јазик и јазици коишто се најзборувани во ЕУ. Овозможува поддршка на разни групи на граѓани со посебни потреби – слепи лица, лица коишто имаат потешкотии со говорот или за неми лица и исто така ќе функционира со прием на повици преку СМС или прием на повици преку социјалните мрежи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.