Со новиот статут ВМРО-ДПМНЕ го укинува местото почесен претседател на партијата.

Во интервју за ТВ 24 лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека тоа не е дистанцирање од Груевски, туку дел од реформите за демократизирање на партијата, по примерот на сестринските партии од Европа.

Тоа е статут направен согласно реформите и динамиката и е резултат на темелна анализа на статутите на неколку сестрински партии. Во моментов се дебатира во ИК и наскоро ќе  дојде на дебата во ЦК. Тој е единствен од ваков вид во Македонија и треба да биде пример и за другите партии да го разгледаат ако сакаат сериозно да се демократизираат, вели Мицкоски.

Мицкоски исто така одби конкретно да се дистанцира од Груевски и неговата политика истакнувајќи дека тој и досега кажал дека може да се извини и огради од нешто што тој го сторил.

За она што е сторено од минатата власт и ако тоа нанело штета јас сум подготвен преку идните програми на партијата да го променам, кажа Мицкоски и додаде дека никогаш не му паднало на памет да падне на тоа ниво да се оградува.

Мицкоски рече дека Груевски бил премиер како и Заев, Георгиевски и Црвенковски за кои како што рече имало и добри и лоши коментари.

Ветувам нема да ги повторам лошите моменти. За сите погрешни политики сме ги кажале нашите мислења. Еве ако треба да се оградиме од се што било лошо направено од 1991 до денеска 2019 година, рече Мицкоски.

Предлогот на Мицкоски за реформирање на партискиот статус и укинување на позицијата почесен претседател ја поздрави пратеникот Антонио Милошоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.