Општина Охрид продолжува со отстранување на градби кои се лоцирани на крајбрежјето на Охридското Езеро.

Денеска се спроведуваат активности за отстранување на објекти на плажите на потегот од хотел „Метропол“ до селото Пештани, информира Локалната самоуправа.

Општина Охрид во координација со Владата останува посветена на исполнување на препораките на УНЕСКО, имплементацијата на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион. Општина Охрид ќе продолжи да се залага за конечно воведување на ред на охридското крајбрежје, кое долги години наназад беше узурпирано. Активностите за отстранување на бесправните градби ќе продолжат тековно и последователно додека не биде отстранети сите објекти кои ја загрозуваат животната средина и ги деградираат уникатните аспекти на регионот, велат од Општина Охрид.

Во присуство на полицијата се отстрануваа шанковите и објектите на плажите „Акапулко“ и „Плажа 10“. Според најавите, отстранувањето на бесправно изградените објекти ќе продолжи и на останатите две плажи во оваа туристичка населба.

Сопствениците гневни и немоќни велат дека Општината е селективна бидејќи плажите пред големите хотели остануваат, а нивните се рамнат со земја.

Концесионерите на плажите од хотел „Метропол“ до Пештани велат дека нивните плажи не се дивоградби, бидејќи се градени според одобрени проекти и услови пропишани од Министерството за животна средина.

Инсистираа да има платформи, тоалети, паркинг. Правевме санитари чворови. Ни беше кажано дека ќе се корегираат договорите според условите, но со префрлање на ингеренциите на локалната самоуправа постојано се вршеше притисок дека ќе нѐ рушат. Последниве две години немаме договори поради нивна вина, не пропишаа услови. Плажата е жива материја и секоја година вложуваме за на крај да нѐ рушат, вели Јаневска за sdk.mk

Најдоцна до 15 јуни треба да биде завршено чистењето на плажите од времени објекти и тие да бидат уредени со песок од сливот на Охридско Езеро. За таа цел, обезбедени се 6 милиони денари од Владата и дополнителни 3 милиони денари од општинскиот буџет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.