Расте бројот на лица од Куманово кои бараат помош за надминување на проблемите со менталното здравје предизвикани од пандемијата на КОВИД-19, велат од одделението за психијатрија од кумановската Општа болница.
Куманово регистрира околу 900 заболени лица од почетокот на пандемијата и не е невообичаено да се зголеми бројот на лица кои страдаат од анксиозност, депресија и други психички проблеми. Психијатарката и психотерапевтка Адриана Богдановска Тоскиќ од одделението за психијатрија појаснува дека повеќе аспекти поврзани со актуелната пандемија придонесуваат да биде нарушена менталната благосостојба на луѓето.
Се работи за реална закана од инфекција и развивање болест со можен и фатален исход. Ваквата закана предизвикува чувство на страв, неизвесност, па и паника. Вирусот е нов и непознат за медицината, беше нејасна неговата трансмисија, факторите кои ја усложнуваат клиничката слика, терапискиот пристап, што дополнително се рефлектира и врз перцепцијата на вирусот и заболувањето кај популацијата зголемувајќи и го чувството на загрозеност. Посебна категорија загрозени граѓани беа и се лицата позитивни на САРС-КоВ 19 и лицата заболени од КОВИД-19, како и нивните фамилии и блиски контакти. Кај нив стравот и неизвесноста се мултиплицирани, вели Богдановска Тоскиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.