Во пресрет на денешниот протест „Правда за Кољо“, најавуван во 18.00 часот, за одлуката А.Т.(18) од Скопје да биде осуден само на три години казна затвор за убиство на 17-годишникот Никола Христовски во скопската населба Ново Лисиче лани на 14 август, Кривичен суд Скопје излезе со соопштение со кое ја аргументира пресудата.

Од таму велат дека се постапувало врз основа на тежината на кривичното дело по обвинителен акт или обвинителен предлог добиен од Јавното обвинителствот за кривично дело квалифицирано од надлежен обвинител и додаваат дека во прилог на обвинетиот одело тоа што имал само 18 години и претходно не бил осудуван.

Судот води непристрасна постапка во која доследно ги почитува правата на обвинетите, но и на оштетените, утврдува вина и одредува казна исклучиво врз основа на тежината на Кривичното дело за кое се терети обвинетиот, односно запретената казна за истиот. За кривичното дело „Убиство во миг” од член 125 од Кривичниот законик, законодавецот, а не судот, предвидел казна во траење од 1 до 5 години затвор. Со оглед да обвинетиот кој има 18 години и претходно не бил осудуван, Законот исто така утврдил олеснителни околоности кои судот мора да ги земе предвид, па токму затоа е одредена казна од 3 години затовор, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Кривичниот суд има објаснување и по реакциите на јавноста дека Панче Ангелов за нападот и скубењето на вицепремиерката Радмила Шекеринска во Собранието на 27 април 2017 добил четири години затвор, односно поголема затворска казна од убиецот на момчето во Ново Лисиче. Од таму велат дека во овој случај се работи за кривично дело „насилство“, за кое е предвидена во законот казна од најмалку 3 па до 10 години.

Со цел дел од граѓанте да не бидат доведена во заблуда околу надлежноста на судот и другите институции при решавањето на еден кривично – правен настан, како суд сме должни да ја запознаеме јавноста дека надлежни за квалификација на кривичните дела, според која квалификација се одредува казната – доколку се докаже вината, се МВР и Јавното обвинителсво, а не судот, стои во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Осудениот А.Т. со нож го прободе младиот кошаркар кога се нашол во безизлезна ситуација откако бил навредуван на меѓуетничка основа и нападнат од поголема група момчиња. Пресудата е донесена на 1 јуни а пресудата е за убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик и му е изречена затворска казна од три години, на што надлежниот јавен обвинител вложи жалба на пресудата.

Според пресудата, А.Т. бил доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост, а пред нападот немал каде да побегне затоа што влезот во зградата во која сакал да отвори во моментите кога бил гонет бил заклучен. Претходно бил навредуван и удиран по телото од група од 30-тина напаѓачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.