Ова е функција во надзорен одбор на банка, а се крена врева небаре сум директор во тајна полиција. Нема судир на интереси. Вака Миле Зечевиќ во изјава за „Независен весник“ ја оправдува новата функција во Стопанска банка Битола.

Зечевиќ, кој е надворешен советник на премиерот, дел од партиската структура на СДСМ и адвокат, во моментов чека одобрение од Народната банка за да влезе во надзорниот одбор банката, која е платена функција, исто како и консултантската за Владата.

Собранието на акционери го именувало Зечевиќ за независен член на надзорниот одбор на Стопанска банка Битола, нему му следува месечен нето-надомест од 50.000 денари и, бидејќи живее надвор од Битола, надомест за патување и сместување.

Но, според него, тој нема ништо за криење, оти ако имал немало да се експонира и да си прави непотребни нервози во животот. Вели, нема конфликт на интереси меѓу советничката функција во Владата и надзорната во Банката. Тоа го повторија и од Владата, истовремено посочувајќи дека ангажманот на надворешните советници е споив со други професионални ангажмани.

Инаку, акционер со квалификувано учество во Банката е „Пелистерка“ АД Скопје, фирма што заедно со поврзаното правно лице „Тимох“ ДОО Скопје поседува 21,85 проценти од вкупниот број акции со право на глас, т.е. обични акции. Газда на „Пелистерка“ е Цветан Панделески, кој е осомничен во предметот на СЈО, „Империја“.

Зечевиќ посочува дека повеќе од 20 години е другар со Дејан, синот на Цветан Панделески, кој исто така е член на надзорниот одбор. Дејан го предложил да ја врши контролно-надзорната функција.

„Против ‘Пелистерка’ нема постапка. Има против татко му на Дејан за одредено дејствие, ама тоа е друга работа“, објаснува Зечевиќ додавајќи дека излегува со име и презиме и не прави ништо заткулисно.

Јас сум повеќе од 10 години ангажиран како адвокат, не директно во „Пелистерка“, туку во „Еуро дистрибуција“, фирма-ќерка што врши дистрибуција за нив. Не можам да се откажувам од луѓето што ги познавам само затоа што се обвинети. Јас сум со Дејан другар, татко му го знам, го почитувам, тој е бизнисмен од 1991 година. Не е врзан со офшор-компании, како што се споменува, тој си е стопанственик. Сè што направил во животот направил сам. Не можам утре да кажам дека не го познавам човекот, кога го познавам. Тој човек, болен од рак, отиде, одлежа 4 месеци во притвор. Што можев јас да му помогнам тука, вели Зечевиќ за „Независен“ појаснувајќи дека ни тогаш ни сега не можел да влијае врз тие процеси.

Во случајот „Империја“ за Цветан Панделески е продолжена мерката куќен притвор. Истата мерка важи и за Ненад Јосифовиќ, кој формално до 30 мај годинава е член на надзорниот одбор на Стопанска банка Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.