Јавното обвинителство ја интензивира истрагата за инцидентот во тетовска Мала Речица каде пред еден месец од пукотници со огнено оружје на свадба беа ранети две млади лица. Ова го тврдат од Обвинителството, но не сакаат да ја коментираат вчерашната изјава на Јусуф Биљали, татко на еден од ранетите. Алсат објави дека Обвинителството побарало од МВР да се забрза постапката за вештачење на запленетите оружја од местото на настанот.

Неофицијално се дознава дека еден пиштол, но и ловечка пушка која му припаѓала на синот на пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, се земени на вештачење заедно со пиштолот на друг гостин во свадбата. Органите на прогонот се во потрага по чаурите кои не биле пронајдени на местото на настанот. Во меѓувреме, пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, денеска не одговорил на барањата на Алсат да ја коментира вчерашната изјава на Биљали, кој токму него го обвини со име и презиме дека е сторител на трагичниот настан.

„…Пратеникот удри со пиштолот на маса. Видов дека го погоди својот син и како лекар станав од масата за да му помогнам на неговиот син. Кога стигнав, бидејќи бев на три чекори далечина, кога стигнав до синот на Џеват Адеми, мојот син ми рече, тато ме отепаа…“, рече Јусуф Биљали – Родител на ранетиот од пукањето со оружје на свадба.

Пред изјавата на Биљали, Џеват Адеми ги отфрли сите обвинувања кон него, негирајќи дека пукал.

Џеват Адеми – Пратеник на ДУИ:

„Точно е дека јас и моето семејство бевме учесници на таа свадба каде десетици лица на недоличен начин пукаа со огнено оружје, но не е ни малку вистина дека и јас сум пукал.”

Според извори на Алсат, органите на прогонот досега земале парафинска ракавица од повеќе лица, меѓу кои и од Џеват Адеми. Но, тој досега не бил претресен и контролиран дали поседува друг пиштол, освен пиштолот и пушката кои се веќе предадени на вештачење. Обвинителството од СВР-Тетово побара да бидат сослушани најмалку 10 сведоци. Двајцата ранети сега се во стабилна состојба и се надвор од животна опасност. Како што дознава Алсат, дури и ранетиот кој бил во најкритична состојба дал изјава во полицијата во врска со случајот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.