Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен. Кога во својот дом е внатрешно раселено лице. Кога „тагата“ не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата. Не ни е мака што не можеме да бидеме она што не сме, но зошто никако докрај не може да бидеме она што сме -пишуваше Горан Стефановски.
Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го започна своето обраќање пред присутните на прославата на Унијата на млади сили по повод нивниот 27 роденден.
Мицкоски пред подмладокот додаде:
И вака некако тече секојдневието на луѓето во Македонија, додека власта гледаме како поплека го разградува секој нејзин дел, полека ни го одзема домот, кој за нас е единствен, и не само она што природно ни припаѓа, но и она за што сме се избориле и наследиле. Но што е победата? Победата е искуството од загубените и славата од добиените битки. И се додека има исправени луѓе знам дека Македонија ќе продолжи да постои и да чекори, со сите свои порази и победи. Здивот ќе се претвори во ветре, ветрето во силен ветер, а тој во олуја за сите оние кои ѝ напакостуваат на земјата. Така се раѓале востанијата, револуциите, но и преродбите, а тие биле против неправдите и за човечките правдини. И тие се подготвувале со своите бедеми, и вистински потпори. Со искуството на возрасните и непрегорот и енергијата на младите.
Мицкоски ја потенцираше улогата на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ која, како што посочи, 27 години чекори со нашата независна татковина.
Добровечер за младешката енергија, за таа пркост и предвесник на промените кои ќе се случат во нашата земја. Добровечер и за сите оние кои сме поминале низ Унијата, а се вечерва тука, сме го имале оној природен растеж и развој во Унијата која е срцето на партијата, витален дел, важен дел за одржување на нејзиниот живот. Унијата на млади сили растеше со нашата земја. Исто како и нашата независна држава,ги правеше првите чекори, првото проодување, првите изненадувања, препреки, имаше и грешки, но и успеси. Како и сѐ во животот ништо не дојде случајно, но заслужено и со причина. Така денес ова е генерацијата за новите победи кои мора да дојдат заслужено, со работа и со многу енергија и чекори. Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ја имаше, ја има, и ќе ја има мојата поддршка, од прв до последениот член. Младите се мојот најсилен приоритет и во мене можете да најдете пријател, учител, родител, брат, сосед, но и соговорник за идното дејствување – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој им посочи на младите дека секоја куќа мора да има темели, колку тие ќе бидат цврсти зависи од секој еден од нив, така е и во партијата.
Младите се темелот на партијата. Потпората на нашите политики, главната енергија. Овие млади со мене, како и оние кои забрзано се приклучуваат незадоволни од општата економска и политичка ситуација се генерацијата на новите победи на ВМРО-ДПМНЕ. Јован Јаулески ја води Унијата во тежок период, можеби најтешкиот за нашата татковина, но и за младите, кога тие се на маргините на оваа власт. И можеби најсилно ги чуствуваат црнилата на денешното време. И илјадници од нив живеат, стануваат и легнуваат со помислата да го најдат своето решение таму некаде надвор од ова што го имаат тука, затоа што тука имаат малку и негледаат иднина во сопствената држава. Но иднината на оваа земја мора да продолжи да се гради со младите, Македонија има што да понуди. Младите почнуваат да ги менуваат работите, да се мобилизираат, да го креваат својот глас. И оние канцелариски бирократи од Владата иако не ја гледаат нивната несреќа, доаѓа времето кога младите ќе им ја раскажат најважната лекција, лекцијата дека тие се иднината на оваа земја, и никој, па ни оваа криминална власт има право да им ја одзема. А УМС ќе биде најсилниот застапник на тие интереси. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ подава рака на младите, а на сите нам државата ни е најважна, затоа што Македонија ни е сѐ што имаме – додаде Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.