Еден ден пред распишувањето на претседателските избори, судскиот совет објави оглас за избор на претседатели во речиси половина од Основните судови, дознава „Сведок“. На списокот на претседатели, чиј мандат завршува наскоро, се скопскиот, битолскиот, велешкиот, штипскиот суд.

Според одлуката на Судскиот совет, ќе се избираат претседтели во:

– Основен суд Битола со Одделение Демир Хисар;
– Основен суд Велес;
– Основен суд Делчево;
– Основен суд Кавадарци;
– Основен суд Кичево со Одделение Македонски Брод;
– Основен суд Крива Паланка;
– Основен суд Неготино;
– Основен суд Прилеп;
– Основен суд Скопје 2 Скопје и
– Основен суд Штип со Одделение Пробиштип.

Со судовите во Битола, Скопје 2 и Велес раководеа веројатно досега најмладите претседатели: Дејан Крстановски, Илир Сулејмани и Александар Шопов. Како што стојат сега работите, речиси сите судови би добиле нови претседтели, освен Кичево и Делчево, каде нема судии.

Кандидатите за претседатели треба да подготват програма, да имаат високи оцени, а Советот формира ранг листа по извршени интервјуа.

Поради изборите, претседатели на судовите нема да може да се избираат до средината на мај оваа година, па најмалку два месеци сите судови ќе бидат раководени од в.д. претседатели.

Покрај за претседатели, Судскиот совет распиша оглас и за избор на шест судии во Апелациониот суд во Скопје, поточно тројца судии за кривична област, двајца судии за граѓанска област и еден судија за трговски спорови.

По завршување на мандатот во Судскиот совет и пауза од 6 години, во Апелациониот суд во Скопје се вратија Влатко Самарџиски и Мери Дика Георгиевска, но и со нив ни оддалеку не задоволува бројот на судии. Најкритично е во кривично одделение, каде што немаат два фиксни совети од по 5 судии, па петиот член го позајмуваат од советот што суди прекршоци, а тоа се судиите Гордана Сајковска и Влатко Самарџиски, а сите кривичари во меѓувреме судат и прекршочни предмети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.