Додека Македонија буквално е во пламен, ниту еден од највисоките владини функционери, на чело со премиерот Зоран Заев ги нема никаде, како да исчезнаа од јавноста, забележува „Алфа“. Тежината да одговара за фијаското во справувањето со пожарите, како да е оставена само врз директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, кој и покрај тоа што има одговорност, сепак не може да биде сам виновен за сите пропусти. Последното појавување пред јавноста Заев го имаше вечерта во Кочани, а од тогаш како да исчезна во моменти кога во државата стигна и кризна состојба. А во своето последно обраќање, тој само се правдаше за отсуството на механизација за гаснење пожар од воздух.

Ниту кај нас, ниту во било кои други земји навечер хеликоптерите не дејствуваат, може да загине некој не се знае, може да повредат луѓе кои што се некаде влезени со најдобра намера да помогнат. Затоа по прописите секогаш за време на ден дејствуваат хеликоптерите, изјави Заев.

Покрај Заев во јавноста не се појави ниту министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која единствено на Фејсбук се заблагодари за помошта која што сме ја добиле од другите земји. За одговор на прашања од јавноста недостапен е и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Неговото единствено појавување е на настан без новинарски екипи, заедно со министерот на српската полиција Мирослав Вулин, за помошта од Србија за гаснење на пожарите.

Тука се нашите пријатели од Република Србија и сакам да изразам благодарност од мое лично име и во име на МВР и Владата, до мојот драг голема господинот Вулин, на владата на Владата на Србија и претседателот Вучиќ, заради тоа што веднаш се согласија и пристапија со помош, изјави Спасовски.

Додека највисоките функционери ги нема, во јавноста се појавува човекот од кој се бара одговорност и оставка, Ангелов. Но, и тој најчесто ја користи приликата да каже дека ништо нема погрешено, па дури и дека заслужил награда за справувањето со состојбите во Кочани.

Сега е многу жешко, државата е во пламен или Републиката е во пламен, немам време да размислувам за споредни работи. Нека залади, нека се изгаснат пожарите, ќе направиме една анализа и ако заклучокот е дека сум потфрлил јас ќе си дадам оставка, не само оставка, ќе заминам надвор од државата, изјави Ангелов.

Единствен кој се појавува во јавноста е првиот вицепремиер на Македонија, Артан Груби, но причина за тоа не се пожарите кои оставаат големи штети низ државата, туку прославување на 20 годишнината од Охридскиот Рамковен договор.

Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.