Тв21 објави сомнежи за местени конкурси во Бирото за јавни набавки.

Вчера е пуштен конкурс за 12 работни места, но образованието кое се бара за неколку од местата остава простор за сомнеж дека станува збор за претходно наместени вработувања.

Доколку за 8 од работните места на кандидатот му се бара економски или правен факултет, што е и потребно за овие позиции, за другите 4 места се бара да има завршено политички науки или филолошки науки.

Така, за позицијата Раководител на секторот за контрола, во конкурсот се бара кандидатот да има завршено економски факултет или политички науки, додека за негов помошник, само политички науки или високо образование за јазик и книжевност.

Исто така за позициите Раководител на единицата за административна контрола и раководител на единицата за контрола по претходните постапки, се бара кандидатот да има завршено и Политички науки.

Изворите кои сакаа да останат анонимни, за ТВ21 велат дека вакво образование се бара бидејќи претходно се знае кој ќе биде вработен на овие позиции.

Го прашавме Министерот за администрација Дамјан Манчевски за тоа како е можно за овие позиции да се вработат лица со завршен Филолошки факултет или Политички науки, кога се знае дека секторите за контрола во Бирото за Јавни набавки треба да мониторира дали тендерите се во ред или не. Тој за Тв 21 рече дека за ова ќе даде одговор во понеделник отткако ќе го искотролира системот за човечки ресусрси.

Контактиравме и со директорот на Бирото за јавни набавки, Бардил Насуфи. Тој рече дека во делот каде што се бара Филолошки факултет можно е да е направена грешка, но кај другиот дел не гледа нерегуларност во конкурсот. Насуфи рече дека во понеделник ќе го разјасни ова прашање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.