Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување мерка притвор за три лица, двајца на возраст од 29 години и еден 22-годишник, кои на 26 февруари учествувале на протестот за пресудата во предметот „Монструм“.

„Тие биле дел од толпа која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Имено, осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници“, соопшти ОЈО.

Бидејќи постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да се дадат во бегство или да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени.

За протестот за пресудата за „Монструм“, ОЈО веќе поведе постапка за други двајца демонстранти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.