Лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски смета дека пред да се оди на избори мора да се прочисти избирачкиот список. Тој потсетува дека пред да се одржат парламентарните избори во 2016 година, тие двапати беа одложувани поради барањето на СДСМ за прочистување на избирачкиот список.

Заев инсистира на избори во наредните 30 дена. Не се ниту 30 туку 28 дена, зошто тој синоќа рече дека се залага да бидат на 14 јуни. Еден од аргументите им е дека требало со изборите да се продолжи таму кај што се застанало. Е мало „Морген“! Па нели беше затворен избирачкиот список?
Знаете ли колку млади до 18 години се стекнаа со право на глас во овие 60 дена, колку починаа и колку смениле адреса дури и во вакви услови? Затоа избирачкиот список мора да се прочисти и повторно да се стави на увид на партиите и граѓаните и дури потоа по тие рокови и процедури може да се оди на избори.
Да не се правиме будали и наивни зошто минатите парламентарни избори во 2016 година СДСМ два пати ги одлагаше а главен изговор беше непрочистениот избирачки список.
Се сеќавате нели?
Најпрвин беа закажани за 24 април а потоа на 5 јуни и на крајот се одложија за 11 декември. Така ли беше ? Значи кога СДСМ е опозиција избирачкиот список е битен услов за да се оди на избори, а кога е на власт избирачкиот список не е услов за фер и демократски избори. Во 2016 година колку таламбаси, пропаганди, странски експерти сугерираа да се оди на избори исклучиво со пречистен список.
На крајот што испадна?
Само пет илјади луѓе беа избришани од тој список, сега опозицијата треба да оди по истиот принцип, прво чист избирачки список па потоа на избори.,
напиша Јакимовски на „Фејсбук“.

Тој наведува уште неколку причини против брзи избори, меѓу кои е краткиот период за кампања.

Втора причина зошто не треба за 28 дена да одиме на избори е фактот што на 16 мај ќе ја укинеме вонредната состојба и за само 8 дена треба да започне изборната кампања. Дали ако беше обратна состојбата СДСМ опозиција а ние власт, тие ќе се сложеа веднаш по вонредната состојба да се тргне во избори?
Трета причина е фактот што над 5000 активисти на СДСМ: министри, заменици министри, директори, нивни заменици, градоначалници, директори на локални јавни претпријатија, претседатели на управни одбори и кој се не уште, во овие 60 дена кога сите бевме во домашен притвор тие имаа дозволи да шетаат, партиски да се организираат, да делуваат, да набавуваат, да пакуваат и делат помош до гласачкото тело.
Такви ли фер и демократски избори сака СДСМ?
Повторно прашувам дали ако тие беа опозиција ќе ги прифатеа овие услови?
Четврто, не верувам дека експертите на ОБСЕ/ОДИХР веднаш по вонредната состојба ќе се залетаат кај нас да ги контролираат изборите а без нив тие неможат да бидат фер и демократски.
Затоа не е добро СДСМ да кажува приказни дека некој му се плаши од избори, туку само ќе му кажеме должен е да ги обезбеди истите услови за изборен процес како што тоа ние му го обезбедивме во 2016 година, што би рекле црногорците: Тако веч никако“, вели тој.

Лидерот на ГРОМ истакнува дека СДСМ стравува оти на есен ќе изгуби со поголем резултат поради далеку потешката економската состојба во споредба со сега.

А тоа што СДСМ стравува дека на есен економската состојба ќе била далеку потешка од сегашната и дека тогаш ќе загуби со поголем резултат ние не можеме ништо да му помогнеме.
Така рекол Господ: „Кој на кварно добил власт, Господ ќе го казни и буквално на главачки ќе си замине од тронот“, пишува Јакимовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.