Премиерот Зоран Заев му се приклучи на ставот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг дека не е време за формирање на војската на Косово. Ваков став нема само Заев како премиер, туку и неговата партија, СДСМ.
СДСМ е партијата која на последните парламентарни избори доби илјадници гласови од албанскиот електорат. Последната анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка, објавена на 21 ноември, покажа дека СДСМ е најомилената партија кај Албанците со доверба од 27.5%, а по неа следи ДУИ со 27%. Според анкетата, популарноста на Заев кај Албанците и понатаму држи ниво, односно 17.6% од Албанците го избрале за политичар во кого веруваат најмногу. Но, и покрај оваа поддршка, вчерашната изјава на Заев, предизвика бројни реакции на социјалните мрежи. Реакции не изостанаа ниту од албанските партии. Движењето Беса на Биљал Касами, зборовите на Заев ги нарече „избрзана изјава“, која потсетува на национализмот од минатите времиња и побара премиерот да се огради од неа.
Неговата изјава го покажува вистинското лице на „мултиетничка“ Македонија, прави да се чувствуваат навредени и Албанците од оваа земја, кој му дадоа целосен мандат за владеење, а не да кажува бесмислици и национално – комунистички варваризми. Со ова покажува дека ставот на премиерот Заев е диригиран од Вучиќ, премиер на Србија, кој категорично е против формирањето на косовската војска – сметаат од Движењето Беса.
Реагира и опозициската Алијанса за Албанците. Од партијата на Села го обвинија Заев дека е националист порачувајќи му дека „би било добро да гледа во својот двор, да ги спроведе неопходните реформи во Македонија и да не се меша во внатрешната политика на Косово“. Најголемата македонска опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, сега за сега без став околу формирањето на војската на Косово.
Инаку, вчера косовското Собрание, по 10 години независност ја формираше државната војска. Со 106 гласа „за“, беше усвоен законот за Министерството за одбрана, додека со 107 гласа беше донесен Законот за безбедносните сили на Косово, кои беа формирани во 2009 година, врз основа на планот на Ахтисар.
извор: ТВ21
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.