Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев со силна политичка посветеност континуирано реализира мерки и политики кои резултираат со развој на економијата, нови работни места и унапредување на животниот стандард, велат од СДСМ, додавајќи дека во таа насока е и Интервентниот план на инвестиции во вредност од над осум милијарди евра во периодот 2021-2027 година.

Предвидена е голема и потполно еколошка странска инвестиција за фабрика за создавање енергија од цврст отпад како дел од овој план. Компанија од Луксембург ќе инвестира 336 милиони евра за фабрика со плазма за согорување, односно бескислородно согорување на високи температури.

Вкупната инвестиција, покрај фабриката, содржи и 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 претоварни станици и 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери, како и асфалтирање на патна делница од пет км до село Дуброво во Општина Неготино, се вели во соопштението од СДСМ.

Оваа инвестиција, додаваат, содржи и еколошки аспект, односно претставува трајно решавање на отпадот на 74% од територијата на државата.

Следува и отворање на фабрика за селектирање и преработка на отпад во Источниот и Североисточниот регион, во вредност од 37 милиони евра. Веќе е формирано заедничко комунално претпријатие за управување со депонијата, односно нова фабрика во Свети Николе, за целите на оваа инвестиција.

Овие две инвестиции во вкупна вредност од околу 400 милиони евра освен што значат нови работни места и унапредување на регионалниот развој, значат решавање на деценискиот проблем со депониите во нашата држава и грижа за почиста и поздрава животна средина.

Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 е вистински, одлучен чекор преку кој го трасираме патот на раст и развој на македонската економија, се вели во соопштението.

Како одговорна партија, додаваат од СДСМ, креираме и реализираме мерки и политики за поддршка за економска стабилност, за раст и развој на нашето стопанство, за поквалитетен живот на сите граѓани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.