Попладнево се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ на која единствена точна на дневен ред била последниот европски предлог на француското претседателство за кревање на блокадата и започнување на преговори со ЕУ. Врз основа на сите анализи и дискусии, имајќи го предвид интересот на државата и граѓаните, Извршниот одбор на СДСМ донел повеќе заклучоци во однос на последниот европски предлог на француското претседателство.

-Предлогот е добра основа и Извршниот одбор целосно ја поддржува Владата да го продолжи процесот на консултации за носење на конечна државна одлука. Во овие моменти е потребно државничко однесување, мудрост и одговорност водејќи грижа за иднината на државата, на сите наши граѓани.

Во предлогот, којшто го сметаме дека е европскиот предлог, недвосмислено имаме прифаќање на Македонски јазик во ЕУ, што значи затворање на сите идентитетски прашања.

Извршниот одбор на СДСМ констатира дека затворање на идентитетските прашања е најважно и сега е кристално јасно: македонскиот јазик е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија. Ова е клучна позиција, државна и национална којашто со овој предлог е обезбедена.

Воедно, предлогот ги става билатералните, историски прашања надвор од преговарачката рамка.

Исто така овој предлог е во целосна согласност со Резолуцијата во Собранието за државните позиции.

Ова покажува дека Владата, премиерот и надлежните институции одговорно постапувале и ги застапувале државните и национални интереси.

По завршување на процесот на широки консултации, процесот да продолжи во Собранието.

СДСМ уште еднаш ја реафримираше својата позиција за преземање на сите активности, за заштита на националниот, јазичен и историски идентитет на македонскиот народ и неговата посебност како наша врвна вредност и заложба.

Членството во ЕУ е историски важно и стратешко прашање а нашето место е во ЕУ. Имаме единствена можност да ја исполниме и нашата долгоочекувана стратешка цел, полноправно членство во ЕУ. Тоа е нашата визија, тоа е нашата иднина. Имаме неповторлива можност обезбедување просперитет на државата, им го должиме тоа на идните генерации. Време е за мудри одлуки, стои во партиското соопштение на СДСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.