Социјалдемократскиот сојуз денеска на онлајн конгрес треба да избере заменик-претседател на партијата, членови на Централниот одбор и членови на Надзорниот одбор.

По конгресот следуваат состаноците на кои ќе се бираат потпретседателите на партијата, генералниот секретар, организациски секретар, секретар за меѓународна соработка, Извршниот одбор на партијата, односно управното раководство.

Во моментов, заменик-претседател на Социјалдемократскиот сојуз е Радмила Шекеринска, генерален секретар на СДСМ е Љупчо Николовски, а потпретседатели Мила Царовска, Оливер Спасовски, Коста Петров и Мухамед Зеќири.

Вчера, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев не сакаше да говори за тоа кој би се нашол во новото раководство. Партијата, рече тој, е отворена за нови луѓе, а во новиот конгрес влегуваме со нови политики.

Тој најави дека денешниот ден партијата ќе го почне со Извршен и Централен одбор, каде што ќе се оформуваат предлозите и, како што посочи, веројатно ништо нема да се знае се до 10 – 11 часот кога ќе почнат првите состаноци.

Не би можел ништо да кажам заради тоа што нема оформено предлози, односно секој може да има свои идеи во главата, почнувајќи од мене како прв меѓу еднаквите во СДСМ, и овластен предлагач согласно статусот на Социјалдемократскиот сојуз, но сето тоа е безвредно ако органите и телата како овластени предлагачи не го предложат пред самиот Конгрес – додаде Заев.

Партијата, рече, е отворена за нови луѓе, за нови шанси да напредуваат во своја кариера, но по пат на дискусија на Извршниот одбор и Централниот одбор. На крајот, како што посочи, на конгресот ќе се донесат сите одлуки.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која досега ја извршуваше функцијата заменик-претседател на партијата вчера уште еднаш повтори дека не треба да биде дел од раководната структура на СДСМ во следниот период и тоа, како што истакна, се однесува на сите функции.

Таа потврди дека останува во СДСМ. Како што рече, не е од оние луѓе кои веруваат во вредности и припаѓаат на некоја партија само како функционери.

Верувам во работа и сработено, а не во функции. Не мислам дека треба да помогнеме на државата само ако носиме значка на функционер, партиски или државен – рече Шекеринска.

Вчера на новинарски прашања поврзани со конгресот одговараше и министерот за здравство Венко Филипче кој истакна дека со лидерот на СДСМ, Зоран Заев досега не разговарал за негово евентуално назначување на местото на Радмила Шекеринска – потпретседател на партијата. Филипче верува дека Заев повторно ќе го направи најдобриот тим и дека ќе продолжи да ги спроведува, како што рече, успешните политики.

Не сум разговарал на таа тема со претседателот Заев. Преокупирани сме со менаџирање на овој процес, на кризата и вакцинацијата. Верувам дека ќе го направи најдобриот тим исто како што беше и до сега и дека ќе продолжи успешно да работи на полето на имплементирањето на сите успешни политики исто како и досега – истакна Филипче.

На 21 март годинава Зоран Заев со 59.240 гласа „за“, 865 „против“ и со 277 неважечки ливчиња беше избран за претседател на СДСМ на првите непосредни внатрепартиски избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.