Нејасно е зошто за повеќето државни институции и фирми и по три месеци од изборите сè уште нема назначено директори од страна на Владата, иако беше најавено дека тоа ќе се случи до средината на октомври. Дали владините партнери едвај можат да се договорат за поделбата на колачот?

ТВ21 дознава дека меѓу најдискутираните претпријатија е токму ЈП Државни патишта кое и беше ветено на ДУИ, но на СДСМ ѝ е тешко да се откаже од него особено откако, според изворите на телевизијата, се дозна дека ЕУ ќе издвои 1 милијарда евра за инфраструктура.

Артан Груби од ДУИ тврди дека нема да има измени на позициите за кои веќе се договориле.

При крај сме со преговорите за преземањето одговорности и кадровски распределби. Верувам дека следниве денови ќе ги поделиме одговорностите и потребните лица ќе започнат со спроведување на владините програмски одредби, а нема измена во почетната поделба на одговорностите, посочи Груби.

Од тоа што е познато до сега, се очекува директор на претпријатието Државни патишта да биде Ејуп Рустеми, актуелен директор на Македонски пошти. Во МЕПСО се очекува да биде назначен Куштрим Рамадани, во Фондот за здравствено осигурување – Фатон Ахмети, во АЕК – Јетон Акики, во агенцијата за лекови „Малмед“ – Лирим Шабани, а во М-НАВ предложени се две имиња, Миѓен Селмани и Фахредин Хамиди.

Управи кои се очекува да бидат управувани од СДСМ се Царинската управа каде се очекува да биде назначен Горан Сугаревски, Здравствен фонд – Мухамед Зекири, Железници/Инфраструктура – Хари Локвенец, УЈП – Сања Лукаревска и Електрани – Васко Ковачевски.

Не е познато со кои управи ќе раководи Беса. Извори од оваа партија за ТВ21 велат дека „Беса ќе има управи кои никогаш не биле раководени од Албанци“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.