Организирање на првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија во првата половина на годинава, е меѓу приоритетите на португалското претседателство со Европската Унија.

По „студениот туш“ од Бугарија, Португалија излезе со оптимистични ставови за европската перспектива на земјава. Шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва, истакна дека отворањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана е меѓу приоритетите на португалското претседателство.

Истакна дека ЕУ досега испорачала многу барања до Македонија. Земјата мораше да спроведе голем број многу важни реформи, па дури и да го смени своето име.

Тие ја завршија својата работа. Сега е време ние да го завршиме нашето, нагласи Сантош Силва.

Најави дека португалското претседателство преку разговори со двете страни ќе настојува да се надминат недоразбирањата меѓу Софија и Скопје.

Сега имаме нова ситуација – прашањата поставени од Бугарија. Мојата цел е да разговарам интензивно со владите на двете земји. Бидејќи е многу важно внимателно да ги слушнете аргументите на другата страна. Кога тоа ќе се направи, лесно може да се разбере дека постои заедничка основа врз која може да се работи, заклучи шефот на португалската дипломатија.

И вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, во интервјуто за МИА рече дека иако Португалија географски не ни е блиску, ќе биде заинтересирана да ги продолжи напорите на Германија.

Јас мислам дека Португалија ќе биде заинтересирана да ги продолжи напорите на Германија, Берлин најавува дека останува посветен на ова прашање, мислам дека Европската Унија не може да си дозволи луксуз и оваа 2021 година, да помине така како што помина 2020, со неуспех по проширувањето, што мислам дека погрешно го нарекуваме проширување, тоа е всушност комплетирање. Кога регионот ќе влезе во Европската Унија, мапата на ЕУ нема да биде поголема, ќе остане иста. И во таа смисла мислам дека е посоодветен зборот комплетирање, подвлече Димитров.

Вели дека и Португалија всушност го има искористено процесот на пристапување кон ЕУ токму со истата мотивација што нас не влече да влеземе во тој процес, си ја има зацврстено демократијата, има обезбедено економски раст, си ја има потсредено земјата и во таа смисла мислам дека ќе има тука еден слух и за нашите работи.

Наше е да продолжиме да работиме, имаме позиции на чисти, кристално јасни европски принципи и мислам дека е многу важно да се свртиме кон дома, кон нашиот двор, рече тој.

Вели дека оваа битка не е само битка за македонскиот идентитет, туку е битка и за европскиот идентитет, бидејќи ако Европската Унија е заедница на вредности, меѓу кои клучните е богатството на различностите, кулурни и јазични, на народите во Европа, тогаш оваа битка е битка на самата Европска Унија.

Јас сум убеден дека ние овие три цели коишто се целосно заедно компатибилни, мора да ги успееме истовремено. Да почнеме пристапни преговори, да го зачуваме и промовираме македонскиот идентитет и македонскиот јазик и да градиме пријателски односи со нашиот сосед, со соседна Бугарија, дециден е Димитров.

Според него, пристапниот процес е алатка за европеизација, меѓутоа, посочи, нам никој не ни ги врзува рацете да работиме на европеизација ако веќе немаме пристап до пристапниот процес.

И мислам дека што повеќе сработиме дома, толку посилна ќе ни биде позицијата и во поглед на почнувањето на преговорите со Европската Унија. Имавме тешка година, јас сум далеку убеден дека ќе имаме посреќна и далеку подобра 2021 година. Точно, во март имавме голем успех, на некој начин остана подзаскриен бидејќи тогаш беше почетокот на маката со коронавирусот, почетокот на пандемијата, и немавме ни прилика ни можност да се израдуваме, НАТО беше цел 25 години, четврт век, значи зацврстување на безбедноста, предвидливоста, тука сме за да останеме во овие граници и добивме безусловно зелено светло за почеток на преговори. За жал, тоа не се оствари, имавме голема поддршка од Берлин, канцеларката Меркел од среде Брисел најави од Европскиот парламент, дека првиот приоритет во надворешната политика на германското претседателство е почеток на пристапни преговори со Македонија, потсети Димитров.

Изрази жалење што ЕУ по ова прашање функционира така што ако нема доволно консензус, доволно е една земја да спречи донесување на одлука.

Меѓутоа, многу е важно што другите за тоа мислат. Ние се обидовме и мислам дека успеавме да издржиме иако не беше лесно, имаше многу искушенија, да имаме возрасна политика, да зборуваме со европски јазик, со јазикот на вредностите и принципите, и мислам дека е многу важно што нашата позиција беше разбрана, прифатена и поддржана од сите останати земји-членки, додаде тој.

За вицепремиерот Димитров, неспроведувањето на ЕУ на сопствената одлука испрати негативен сигнал за целиот регион.

Многу тежок ни е патот. Многу тесен и многу стрмен, процесот е во криза, проширувањето е во криза, и мислам дека неуспехот на Европската Унија да ја спроведе сопствената одлука испрати негативен сигнал за еден регион што е опкружен географски од земји-членки на Европската Унија. И во оваа смисла и кредибилитетот и европската иднина, перспективата што толку често во неброени документи ја повторуваат „Балканот има европска иднина“, „Балканот има европска песпектива“, такви зборови веќе не се доволни. За балканските народи навистина да веруваат во сериозноста на Европа и на тоа што Европа го вели, заклучува Димитров во интервјуто за МИА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.