„Ако се соочуваш со некој кој ти вика дека така мора да биде, тогаш нема простор за разговор“, рече професорот Далибор Јовановски од катедрата по историја на Филозофскиот факултет во Скопје во вчерашната „Топ тема“ осврнувајќи се на работата на мешовитата комисија за историски прашања меѓу Македонија и Бугарија. Вели дека во текот на преговорите на македонските исоричари постојано им се посочува дека самите македонски револуционери се декларирале како Бугари, но кога тие ќе им изваделе документи каде што се декларирале како Македонци, ги обвинуваат за фалсификување на историајта.

Еве само да се потсетиме за нашите револуционери, цело време ни се говори дека тие се декларирале како Бугари, а ако им извадиме документ каде што кажувале Македонци викаат „ама тоа е географски термин, не е етнички“. Ајде да земеме неколку српски документи од 1889 година потпишани од Дамјан Грујиќ, значи Даме Груев, Димитрие Мирчевиќ, Димитар Мирчев, дедо на покојниот професор и мој пријател Димитар Мирчев и Крста Петковиќ, Крсте Петков Мисирков. Сега ќе ги направиме Срби заради тој „иќ“ во тој момент, кадешто како млади деца, без развиен национален идентитет, бегајќи од солунската бугарска егзархиска гимназија заминале во Белград со помош на српската дипломатија. И сега треба цело време да вадиме такви документи за да докажуваме. Историјата не се само голите факти, туку и толкување. Не можеме да ги судиме тие луѓе и да ги правиме поголеми или помали Македонци заради повеќе работи што правеле, затоа што треба да размислиме во какво време живееле, какви биле општествените услови, социјалните услови, вели тој.

Јовановски се осврна и на моментот околу Бугарската патријаршија, која иако до сега официјално се нема произнесено за добивањето на коанонскиот статус на МПЦ-ОА, кај бугарската експертска јавност тоа беше дочекано со остри реакции – од „забивање на нож во грбот на Бугарската патријаршија“, до „крадење на бугарското црковно минато“, бугарските експерти се противат на признавањето на МПЦ под името Охридска архиепископија, сметајќи дека Охридската архиепископија е претходничка на Трновката патријаршија.

Нивните приговори се темелат врз историскиот факт кога во 1018 година, по пропаста на Самуиловото царство, Василиј Втори повторно ги инкорпорирал македонските територии во Византиската империја, целата административна област ја нарекол „Тема Бугарија“, а Охридската патријаршија ја смалил на ранг архиепископија и ја определил како главна црковна организација на „цела тема Бугарија“.

Тие цело време велат дека од 1018 година Охридската архиепископија се викала Охридска архиепископија и има едно делче „на цела Бугарија“, но тоа се однесуваше на „Темата Бугарија“, а не на државата Бугарија, „Темата Бугарија“ е византиска административна област. Етнонимот Бугарин и името на регионот Бугарија имало сосема различно значење во однос на денес или во 19 век. Меѓутоа, за жал, тоа што во Бугарија не можат да се помират дека Македонците не се чувствуваат како Бугари, имаме такви реакции, смета професорот Јовановски.

Професорот Јовановски посочува дека на чело на Охридската архиепископија имао и Власи и Грци и предупредува дека православните цркви во средниот век не смееме да ги гледаме како приврзок на некој народ, не можеме.

Последниот патријарх на Пеќката патријаршија, пред да биде укината од османлискиот султан во 1766, една година пред укинувањето на Охридската архиепископија, не бил Србин, туку Грк. Православието во суштина е екуменско, но поради многу причини станува и национална тема и прашање. За жал, бидејќи последни направивме држава, фала богу сами ја направивме а не ја правеа Русите, како што ја направија Бугарија, или Србија, или Русија, Франција и Велика Британија како што ја направија Грција, или Албанија која што беше направена од Австро-Унгарија и Италија. Нашите партизани, и нашите борци и тогашните политички структури сами направија држава. Само поради тој факт што последни стигнавме до нешто денес живееме со тоа, и уште извесен период ќе се соочуваме со вакви небулозни тврдења, смета професорот јовановски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.