Во однос на предлогот за етничко субвенционирање на вработување во приватни компании, одговарајќи на новинарско прашање вицепремиерот Груби рече дека нема донесено одлука за ваква мерка, туку дека само е отворена дебата во јавноста.

-Идејата беше не да се наметне вработување било на Албанци или на која било друга заедница, туку да се адресираат прашањата на еднаквост, на еднаквост не само во правата, туку и во обврските што ние би ги имале. Зошто да не се отворат сите тие компании за луѓе да аплицираат и за да има правична и адекватна застапеност насекаде низ општеството – да има правилен пристап за сите. Ако ја видите етничката застапеност во сите тие компании, па без малку би биле 100 отсто претставени само од македонската етничка заедница. Таму нема ниту Роми, ниту Турци, нема ниту Бошњаци, нема ниту Власи, ниту Срби, па ниту Албанци во некои од тие компании. И затоа велиме да имаме еднаков пристап дали тоа ќе биде преку субвенција, дали тоа ќе биде преку други форми на соработка со тие компании, посебно, на пример, не знам фаворизирање по преземање на соработка или аплицирање во државни фондови коишто би ги поддржале нив, рече Груби.

Во моментов, потенцира тој, не постои мерка, отворена е дебата за да се види како би било најдобро сите да се чувствуваме еднакви во нашето општество.

-Го сменивме насловот на принципот, на идејата за едно општество за сите во еднакво општество за сите, затоа што е битно за да биде едно општество мора првенствено да бидеме еднакви и во одговорности и во права – и Албанецот, и Македонецот и Турчинот, и Ромот и сите други. И со приватниот сектор ќе седнеме и ќе разговараме. Не зборуваме за да го вработи Артан затоа што е Албанец или вас затоа што сте Македонец или кој било друг. Зборуваме, ако се исто квалитетни луѓе, да ги исполнуваат сите законски услови и сите критериуми коишто се пропишани во огласот – да, да ги вработуваат луѓето и да им дадат шанса да ги покажат своите квалитети, рече Груби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.