Францускиот претседател Макрон, вечерва уште еднаш кажа „не“ за почеток на преговори со Македонија и Албанија, но дипломатски извори во Берлин велат дека тоа не е крајот на приказната.

Според дипломатски извори кои ги цитира германската новинска агенција ДПА, на самитот на лидерите на ЕУ (17.10.) ќе има уште еден обид да се предомисли францускиот претседател Емануел Макрон за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Истото, на заедничката прес-конференција со Макрон во Тулуз го најави и германската канцеларка Ангела Меркел.

Германија и Франција „сакаат до четврток да размислат како да изнајдат заедничка позиција пред самитот на ЕУ, рече германската канцеларка, додавајќи дека таа позиција треба да биде прифатлива и за другите ЕУ-членки.

Меркел в четврток во 9 часот има обраќање до Бундестагот- редовна пракса пред секој самит на ЕУ. На нејзината интернет страница веќе е најавено дека проширувањето на ЕУ „ќе биде важна тема“ на лидерскиот самит.

Германската влада е за почеток на преговори и тоа и натаму ќе го поддржува на европско ниво. Многу други членки на ЕУ го споделуваат овој став, се наведува во официјалната изјава од канцеларијата на Меркел.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск го исполни ветувањето дека ќе ја стави темата за проширувањето на агендата на самитот на ЕУ. Според нацрт-агендата, прашањето за почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија е на второ место на распоредот, веднаш по дискусијата за Брегзит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.