Ги охрбаруваме нашите пријатели од Македонија да ја искористат можноста и да го отпочнат пристапниот процес со Европската Унија, напиша денеска на Твитер Џејк Саливан, советник за национална безбедност на Белата куќа.

Откога се приклучи во НАТО, Македонија е силен сојузник. Може да има и важен придонес во ЕУ. Ги охрабруваме нашите пријатели да ја искористат можноста да го почнат пристапниот процес со ЕУ, порача тој.

По објавување на францускиот предлог, Стејт департментот за Гласот на Америка рече дека САД ги поздравуваат напорите на Франција да постигне успешно решение и остануваат подготвени да играат конструктивна улога во олеснување на компромисот.

Со оглед на значењето на овој процес за земјите од регионот и за Европа пошироко, се надеваме дека дипломатските напори ќе продолжат, и ќе продолжиме да ја нудиме нашата поддршка онаму каде што е од помош. Ја поздравуваме Франција за нејзините напори да постигне успешно решение за што побрзо започнување на официјалните преговори. Преговорите сѐ уште се во тек, а ние остануваме подготвени да играме конструктивна улога во олеснувањето на компромисoт, изјави портпарол на Стејт департментот.

Во неговата изјава се вели дека Македонија и Албанија ги поставиле темелите и оти сега е време да се придвижат напред кон следната фаза во процесот на пристапување.

САД се силен поддржувач на интеграцијата на Македонија и Албанија во ЕУ. Ние веруваме дека иднината на Западен Балкан е целосно во ЕУ. Процесот на проширување промовира долгорочен мир, стабилност и просперитет во целиот регион“, стои во изјавата, во која се наведува и дека САД ги земаат предвид „многуте изјави на лидерите на ЕУ за важноста на пристапувањето на Македонија и Албанија во ЕУ за зајакнување на безбедноста на Европа, како и за нашата колективна безбедност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.